Контра Кадар фестивал од 13 до 16 април во Битола

Дебатното кино Контра Кадар организира четиридневен фестивал кој ќе се одри од 13 до 16 април, во Центар за култура Битола и Порта Џез, а со кој одбележува три години од своето основање.

Фестивалот ќе започне со проекција на филмот „Касаба“ на режисерот Нури Џејлан, во соработка со Филозофски филмски фестивал и Турскиот културен центар „Јунус Емре“ – Скопје. По проекцијата е најавено предавање на д-р Дејан Здравков, на тема: „Чехов во Анадолија: изградба на една поетска фабула“.

Во четврток, на 14 април е најавена проекцијата на „Барајќи ја среќата“ на македонската режисерка Марија Џиџева, добитник на награди за најдобар документарен филм, на фестивали во Канада, Косово и Франција. По филмот, ќе се дискутира за феноменот на „наместен“ брак, односно брак кој е договорен со посредно (или без никакво) учество на младоженците. Во петок пак е најавен „Oва е пуч“, документарен филм на Пол Мејсон, кој ги прикажува интервенционистичките политики на Европска Централна Банка, кон земји како Италија, Ирска, Грција и преку анализите на академици, новинари, олитичари, дава приказ на релациите помеѓу институциите на ЕУ и банките и корпорациите.

Гостин на проекцијата e Aтанасиос Марвакис, поранешен член на Сириза, доктор по социјална психологија, a ќе се дискутира за динамиката помеѓу грас рут движењата и политичките партии, во денешен контекст – на релација со искуствата со Сириза. За вечерта во Порта Џез ќе настапат Fighting Windmills и Red Sails Billow.

Во сабота, 16 април е најавено предавањето на Aтанасиос Марвакис на тема перспективите на критичката психологија, проекцијата на „Монти Пајтон и светиот грал“ на Стери Гилијам и Тери Џоунс, по што со гостите Марјан Ѓорѓиевски и Ѕвездан Георгиевски ќе се дискутира за улогата на хуморот во општеството. Вечерта пак во Порта Џез е најавен настап на Милко, Мазно е, ама не е и Мнемоник 45.

Влезот за сите настани е слободен (или муфте).