„Конопфест 2019“ – здружување за билката што живот значи

„Конопфест 2019“ ќе се одржува на 20 април во скопскиот Градски парк под мотото „Билка што живот значи“ и  повторно ќе се обиде да создаде позитивна атмосфера за помрднување на состојбите и регулативите за канабисот во земјава.

Јанаки Митровски, адвокат и еден од основачите на „Билка“, за Радио МОФ вели дека „Конопфест“ се оддржува трет пат, а втора година по ред во организација на нивното Здружение.

„Фестивалот, кој го правиме да биде традиционален секогаш симболично ќе се оддржува на 4.20. Оваа година фестивалот ќе расте и ќе биде на два стејџа-првиот на Школка каде ќе има неколку едукативни предавања и престава, по што со почеток од 16:30 часот ќе настапуваат домашни диџеи со свои сетови. Вториот стејџ ќе биде на полјаната Вембли, каде ќе настапуваат домашни бендови. Фестивалот ќе трае 12 часа: од 13 до 01 часот по полноќ“, објаснува Митровски.

Јанаки Митровски (најдесно), заедно со дел од тимот на „Билка“ на ланскиот „Конопфест“

Во поглед на пошироките цели на „Конопфест“ и поддржувачите, односно што е потребно да се смени во поглед на законите и државните политики за канабисот, Митровски нагласува дека, првенствено, треба законски да се регулира која количина државата ја препознава како количина за лична употреба.

„Говориме кога нема други елементи на продажба, бидејќи продажба има и кај минимални количини ако се исполнети законските обележја, со што, ќе се сопре злоупотребата на републичкото Јавно обвинителство преку упатство да глуми законодавец, а судовите тоа беспоговорно да го прифаќаат“, забележува адвокатот.

Во поширока смисла „Билка“ се залага за легализација на канабис во рекративни цели, но, според Митровски, не на начин на кој домицилните бизнисмени и членови на владата го замислуваат –  за затворен круг луѓе.

„‘Билка’ предлага модел базиран на поделба на одгледувачи и диспензери без пречки некој ентитет да се занимава со двете, но модел кој ќе биде базиран на микро-семејни прептријатија, кои ќе дадат поширок избор и пониска цена со задолжителна инклузија на македонскиот земјоделец“, вели Митровски.

Според претставникот на Здружението, понатаму е потребна и ревизија на листата болести кои може да се третираат со канабис во земјата, а која заглави на четири и не е ревидирана ниту еднаш во три години: канцер, мултиплекс склероза, епилепсија и ХИВ.

„Како и измени кои ќе ја тргнат ступидната одредба дека само лекари од јавно здравство можат да препишуваат канабис, што е нон сенс, бидејки во МК јавното и приватното здравство е изедначено. Конечно, ‘Билка’ се залага за тоа да секој кој има медицинска состојба која може да се третира со канабис, да може да засади дома одреден број растенија со регистрација при Министерството за земјоделство, кое треба да ја преземе контролата од Министерството за здравство“, потенцира Митровски.

Низ медиумите периодов се шпекулираше дека Охрид и Струга се првите градови за отворање на места за легална продажба на канабис, како атрактивни туристички локации, по што од Владата рекоа дека е дезинформација, односно демантираа дека се прават анализи за легализација.

Премиерот Зоран Заев, пак, за време на вчерашната посета на Охрид рече дека идејата за легализација во туристичките центри како пример од надвор, ќе влијае на зголемување на туризмот, но истовремено потенцираше дека во моментот државата не е подготвена за тоа, иако дискусијата е отворена. Додаде дека државата се уште нема вградени контролни механизми.

„Нашите информации кои се релевантни говорат дека се планира пилот проект со стартни три локации Струмица, Скопје и Битола. Не треба да сте гение за да претпоставите кој ке ги поседува овие локации. Ова со Струга и Охрид сметам дека е пробен балон преку кој власта опипува пулс. Ве молам ако е труизмот интенција, па Струга и Охрид се развиени туристички центри. Ако е тоа целта прво на памет ми паѓа Крушево на пример, кој е град во изумирање“, додава Митровски.

Во поглед на „Конопфест 2019“, Здружението за канабис и зелени политики „Билка“ ги повика сите здруженија на граѓани кои се сродни и имаат исти или слични цели во поглед на канабисот и животната средина, да се пријават за присуство на настанот, со што ќе постават штанд и ќе ја претстават својата работа.

„’Конопфест’ и лани инкорпорираше штандови на Здруженија на граѓани, на пример лани учество зедоа ХОПС, Коалиција Маргини и 420 Macedonia. Оваа година очекуваме бројката да расте. Интенцијата е да настапиме во здружен фронт за престојните законски измени кои ‘Билка’ ги планира за месец јуни“, вели Јанаки Митровски.


Бојан Шашевски
Фото: Ангел Ангеловски