Конкурс за поетскиот фестивал „Литературни искри“

Објавен е конкурсот за овогодинешното издание на поетскиот фестивал „Литературни искри“ во Гостивар. Центарот за култура АСНОМ, кој ја организира манифестацијата по четврти пат годинава, ги определи условите за пријавување на заинтересираните автори.

Право да конкурираат имаат поетите од Македонија и од Балканските земји без разлика на возраста. На конкурсот учествуваат со испраќање на три необјавени песни не подолги од 32 реда, на својот мајчин јазик (задолжителна е достава на македонски препев од учесниците на кои мајчин јазик не им е македонскиот). Во однос на темата и формата на песните ограничувања нема. Рокот за пријавување е од 15 март до 15 април. Творбите се испраќаат на електронската адреса на фестивалот: literaturniiskri@yahoo.com. Изборот на најдобрите автори ќе ги изврши стручна жири комисија.

Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ се организира во чест на 24-ти Мај, Денот на словенските просветители Св.Кирил и Св.Методиј.