Фондот на холкауст на Евреите од Македонија по вторпат распишува конкурс за краток расказ инспириран од стари фотографии со наслов: „Раскажувам фотографија“. Фотографијата која ќе биде поврзана со животот на Евреите во Македонија треба да е „лајтмотив“ за расказот, а ќе се објавува секој петок, на Фејсбук страницата на Фондот на холокаустот. Во расказите треба да доминираат случувања од животот на Евреите во Македонија во минатото.
„Прифатливи ќе бидат раскази кои можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон искоренување на омразата и разградување на предрасудите, раскази кои се бават со соочување со минатото, холокаустот, емпатија, раскази кои ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите. Целта е да се поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е многу популарна, современа и широко прифатена од читателската публика и која има длабоки корени во сефардската раскажувачка традиција“, појаснуваат од Фондот.
Расказите треба да не бидат подолги од 100 реда (три страници со новинарски проред или најмногу до 7.000 карактери ), авторите можат да пишуваат на македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски или англиски јазик. Исто така е услов расказите да не биле досега објавувани.
Право на учество имаат сите полнолетни лица, веќе афирмирани, но и оние кои досега немаат објавувано. Секој учесник може да учествува на конкурсот со најмногу три раскази. Ракописите треба да се испратат на: info@holocaustfund.org.mk со назнака: За конкурсот „Раскажувам фотографија“
Конкурсот почнува со објавување на првата фотографија и тема, на 03.09.2021 година. Последната, десетта фотографија ќе биде објавена на 05.11.2021 година, а сите автори ќе можат да праќаат творби до 15.11.2021 година. Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 10.12.2021, а наградите на добитниците ќе им бидат врачени на 28.12.2021 година – Ден на возобновување на Еврејската заедница во Македонија.
Прва награда е 25 000 денари, втора награда – 15 000 денари и трета награда – 10 000 денари.
Фондот го задржува правото за објавување на наградените. Најдобрите раскази, според жири комисијата, ќе бидат објавени на ФБ страната на Фондот на холокаустот.
Сите учесници ќе добијат благодарница за учеството на конкурсот.