Kонцерт на српскиот бенд „Plastic Sunday“ и скопското трио „Суртуклер“ во „Кула“

Во пресрет на денот на пролетта, оваа сабота на 21 март во културниот центар „Кула“ ќе се одржи музички концерт на кој ќе настапат српскиот бенд „Plastic Sunday“ и скопското трио „Суртуклер“. Со почеток во 20 часот ќе имате прилика да проследите еден од најдобрите нови српски музички остварувања, Plastic Sunday, со локална поддршка од страна на скопскиот бенд Суртуклер. Макар што постојат веќе шест години, Plastic Sunday за прв пат ќе се претстават пред пошироката скопската публика.

Музичкиот бенд Plastic Sunday е основан во 2008 година во Ниш од страна на Милан Митровиќ (тапани и вокал), Братислав Митровиќ (гитара) и Александра Станковиќ (бас гитара). Овој бенд може стилски да се окарактерзира како гаражен рокенрол со влијанија на ноиз и психоделичен звук. Имено, најзначајното признание бендот го добива од страна на критичарите и редакцијата на веб-списанието Попбукс (Popboks) каде се прогласени за најдобар нов бенд во Србија во 2010 година. Како резултат од таа награда, снимен е нивниот прв мини албум „Разум тражи разлоге” во продукција на студиото „Дигимедија“.

Вториот студиски албум „Комуникација“ кој е исто така снимен во продукциската куќа „Дигимедија“, Plastic Sunday самите го објавуваат онлајн. Потоа следува и нивната прва регионална мини-турнеја, каде бендот  настапува во Србија, Црна Гора, Словенија и Македонија.