Концерт на шестоодделенецот Арда Мустафаоглу во Даут пашин амам

Шестооделенецот Арда Мустафаоглу вечерва во Даут пашин амам ќе одржи концерт пред македонската јавност со кој ќе ја заокружи едногодишната балканска натпреварувачка турнеја. На програмата вечерва покрај Арда на пијано, ќе настапи и младата Лара Бојаџиева на виолончело.

Арда Мустафаоглу беше прогласен за апсолутен победник на дваесеттиот пијано фестивал – натпревар на млади пијаисти „Pianisti i Ri“ во Тирана (Албанија), а од  април 2014 година до мај 2015 година е добитник на бројни први награди во балканските држави.

Арда лани освои прво место на меѓународниот пијано натпревар „Мали Пијанисти“ во Србија, на меѓународниот пијано натпревар „Млади пијанисти“ во Гевгелија, а во јуни 2014 година освои прво место и е прогласен за лауреат на меѓународниот пијано натпревар „Дојрана“ во Дојран

Во март годинава во Перник (Бугарија) осумчленото национално жири на Арда му додели специјална награда и го прогласи за лауреат на натпреварот, додека во мај во Врање (Србија) четиричлено меѓународно жири го прогласи за лауреат и му ја додели првата награда – бесплатно учество на летната академија во Охрид во август 2015 година.

Арда е ученик во шесто одделение при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – Скопје во класа на м-р. Самира Мустафаоглу. Интерпретацијата на пијано ја унапредува соработувајќи со проф. Рита Трпчева Поповиќ, проф. Снежана Анастасова Чадиковска и проф. Дино Имери. Тој редовно настапува на завршните концерти на клавирската класа во ФМУ и Салон 19.19, а досега има учествувано голем број фестивали.