Концерт на Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“

На 23 април (вторник) 2019 година, со почеток од 20 часот, во Камерната сала на НУ Филхармонија на СРМ ќе се одржи концерт на Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ под диригентско водство на проф. м-р Борјан Цанев.

На програмата се дела од Моцарт, Блох, Пјацола, Вилијамс (оркестрација Борјан Цанев), Елгар и Бритн. Како солисти ќе настапат студентите Илза Бафтијари – виола, и виолинистите Ени Вучидолова, Андреј Ѓорѓевски, Диана Мирчевска и Марија Јанчулеска.

Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ е основан во 1999 година на иницијатива на проф. Велко Тодевски, а денес со овој ансамбл раководи проф. м-р Борјан Цанев. Составен од избрани студенти на гудачкиот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје, oд своето основање до денес оркестарот редовно остварува бројни успешни настапи во рамките на редовните активности на Факултетот, на фестивалите „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“, „Нишки музички свечености“, а помеѓу реализираните концерти на овој ансамбл се и концертот на затворањето на „Интерфест – Битола“ 2012 под диригентство на проф. Велко Тодевски и со виолинистот од Франција, Франсис Дироа, како и концертот со виолончелистот и диригент Марк Копеј во 2013 година. Репертоарот на овој ансамбл се состои од дела од сите музички епохи, од кои голем дел се и премиерни изведби на дела од македонски современи композитори.

Влезот е слободен. Резервации на тел. 3134 345 и на мејлот на ФМУ: fmu@fmu.ukim.edu.mk.