Концерт на јапонската виолинистка Сајака Шоџи со Македонската филхармонија

Македонската филхармонија вечерва (7 април) во Домот на АРМ ќе одржи симфониски концерт „Островска инспирација“, на кој како солист ќе настапи врвната јапонска виолинистка Сајака Шоџи.

Наградуваната уметница и една од најдобрите виолинистки денес од поновата генерација Шоџи, ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар оп.15 од Бенџамин Бритн, кој ќе ја доживее македонската премиера. Под палката на маестро Борјан Цанев, оваа вечер ќе бидат изведени и прекрасните Енигма варијации од Едвард Елгар.

„Островска инспирација“ е претпоследниот концерт од редовната концертна сезона на Македонската филхармонија. Следува гостувањето на 14 април во рамките на фестивалот „Денови на македонска музика“, додека на 12 мај, прв пат во Македонија гостува познатиот танго уметник на усна хармоника, Џо Пауерс од САД, на концертот насловен „Алхемија“, кој ќе го означи и крајот на старата концертна сезона на оваа институција.

Македонската филхармонија, следејќи ја традицијата, во јуни ќе ги одржи и двата концерти со студентите и со учениците од музичките факултети и училишта во земјава, додека во текот на мај и април ќе оствари гостувања во Струга, Гевгелија, Битола и Прилеп.

Кон крајот на јуни, ќе се одржи и традиционалниот мултимедијален настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“, за кој годинава Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар подготвуваат несекојдневна и атрактивна програма.

Јапонската виолинистка Сајака Шоџи (1983) е првиот јапонски, но и најмладиот победник (по Ленута Чиулеи) на натпреварот „Паганини“ одржан во Џенова во 1999 година. Родена е во Токио во уметничко семејство (нејзината мајка е сликарка, додека нејзината баба е поетеса), а детството го поминала во Сиена, Италија. Нејзиното семејство сепак, се сели назад во Јапонија каде што Шоџи почнува да изучува виолина. На 15 години, таа заминува во Германија на Колеџот за музика во Келн во класата на Закар Брон, а дипломира во 2004 година. Меѓу нејзините учители се и Сашко Гаврилов и Шломо Минц. Во 1997 година Шоџи го прави своето деби на фестивалот Луцерн и во „Музиквереин“ во Виена со диригентот и виолинист Рудолф Баумгартнер, а две години подоцна ќе ја освои наградата „Паганини“. Еден од нејзините поддржувачи е и славниот маестро Зубин Мехта, кога во 2000 година само за Сајака Шоџи ќе го смени својот концертен распоред за да ѝ овозможи снимање со Израелската филхармонија. Потоа, маестро Мехта ја поканува да настапува со Баварската државна опера и со Филхармонијата на Лос Анџелес. Од тој миг, Шоџи ќе биде предизвик за многу познати оркестри, вклучувајќи ги и Берлинската филхармонија, Лондонскиот симфониски оркестар, Филхармонскиот оркестар на Санкт Петербург, Сеулската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Келн и др., со диригенти како Лорин Мазел, Јури Темирканов, Семион Бучков, Мјунг-Вун Чунг… Сајака Шоџи снима за престижната куќа „Дојче грамофон“, а свири на виолина „страдивариус“ од 1729 година.