Композиторот на филмска музика John Williams ќе добие награда за животно дело

Композиторот John Williams, авторот на музиката за бројни холивудски хитови, како „Војна на Ѕвездите“, „Ајкула“, „Индијана Џонс“ и „Хари Потер“ ќе ја добие годинешната награда за животно дело на Американскиот филмски институт (АФИ).

Наградата, која Институтот ја доделува по 44-ти пат, ќе му биде врачена на 83-годишниот композитор на гала-вечер идната година.

„John Williams го напиша саундтракот на нашите животи“, вели претседавачот со АФИ Sir Howard Stringer.

„Нота по нота, низ акордите, неговата генијална способност да ја спои музиката со филмовите ја подигна оваа уметничка форма со симфониски нивоа и инспирираше генерации луѓе да уживаат во магијата на филмот“, истакнал Stringer.

Williams е автор на музиката за повеќе од 150 филмови, од кои многу се истакнати ремек-дела на поп културата. Овој композитор често соработува со Steven Spielberg и има освоено пет награди „Оскар“, од неверојатни 49 номинации.

Меѓу другите добитници на оваа угледна награда се: Alfred Hitchcock, Elizabeth Taylor, Tom Hanks, Jane Fonda, Steve Martin, Robert De Niro, Al Pacino и многумина други.