Коментари и забелешки за Стратегијата за млади на Град Скопје

Во Големата сала на Советот на Град Скопје, се одржа завршната јавна расправа за предлог-верзијата за Локалната стратегија за млади на Град Скопје, којашто изминатата година ја изготвуваше Коалицијата СЕГА заедно со уште триестина младински организации, училишта, странски организации.

Коментари и забелешки за Стратегијата за млади на Град Скопје

После една година од почетокот на процесот за креирање на стратегијата за Млади на Град Скопје, веќе ја имаме пред себе драфт верзијата на стратегијата која треба да ни ги даде насоките на идното деjствување за подобрување на позицијата на младите, истакна скопскиот градоначалик Коце Трајановски.

„ Посебно ми е драго што во изготвувањето на овој документ учествуваа повеќе заинтересирани субјекти, а за што поголема партиципативност и транспарентност говори податокот дека во изминативе десетина дена предлог –стратегијата беше поставена на официјалниот сајт на Град Скопје со препорака до сите заинтересирани да ја прочитаат и да дадат свои коментари на истата“, посочи Трајановски кој додаде дека врз овој документ ќе ја темели идната соработка со младите на град Скопје.

За време на дискусијата присутни беа повеќе организации кои ги упатија своите забелешки во однос на оваа стратегија, како Хера, Црвениот крст на град Скопје, Агенцијата за вработување.

Претставниците на Младинскиот образовен форум ја поздравија желбата за носење ваква стратегија, и се надеваат дека ќе поттикне и други локални самоуправи кон вакви чекори, бидејќи само 9 општини во Македонија имаат стратегија за млади, а дури и за имплементацијата на Националната стратегија за млади досега е изработен само еден акциски план. Оттаму укажаа и на неопходноста од план за евалуација и мониторинг на оваа стратегија, дадоа дополнувања од технички и содржински карактер, но и ја потренцираа потребата за усогласување со другите стратегии и програми на национално ниво кои третираат младински прашања.

„Ако сакаме добра стратегија за млади неопходна е е поголема вклученост на младите и на младинските организации, пред се во нејзината имплементација. Во спротивно, овиј документ нема да постигне својата цел,“, забележаа од МОФ.

Целта на Локалната стратегија за млади на Град Скопје е да се подобри општата состојба на животот на младите во Град Скопје. Опфаќа повеќе области на дејствување како образование, младинско самовработување, здравство и превенција, култура, информирање, локална младинска работа, подобрување на квалитетот на живот кај младите.

Работната верзија на Стратегијата на млади на Град Скопје за да стане официјален документ ќе треба да биде ставена на гласање на една од наредните седници на Советот на Град Скопје. Рокот за поднесување на коментари од младински организации е 14ти октомври, а може да се испраќаат на sega@sega.org.mk.