[Колумна] Разговор со историјата

Често се тврди дека иднината им припаѓа на младите, но никогаш не се поставува прашањето каква ќе биде таа иднина?! И тоа не од другите, туку од страна на самите тие млади на кои им припаѓа иднината.

[Колумна] Разговор со историјата

Без навлегување во дефинирање на генерациските граници на младите, една работа е сигурна, младите не можат да се идентификуваат само по сила на нивната возраст. Ние живееме во општество во кое се уште немаме издвоено јасна поделба помеѓу стариот светоглед, наследен преку генерациите се до најмладите, и новиот светоглед кој се уште чека на предизвик на нишката на историјата. Помеѓу многуте разни можни анализи, јас сметам дека клучен фактор во таквото некритичко пренесување на традиционалните и назадни вредности беше и се уште останува таканаречената транзиција. Транзиција значи преминување од еден во друг стадиум на општествено уредување, општествени норми и политички вредности.

Во повеќе од две децении, во Македонија се рециклира светогледот кој припаѓа на минатиот век, а во последните години истите тие се навраќаат со зголемен интензитет. Без јасен прекин со континуитетот на таквите вредности со кои се одржуваат во живот семејни, родови, меѓучовечки и општествени односи кои угнетуваат одреден дел од нашиот идентитет упорно укажувајќи на друг, наследен, прифатлив, акомодиран и традиционално негуван, не можеме воопшто да зборуваме за иднина која им припаѓа на младите. Во таа смисла единствено можеме да зборуваме за историско протегање на минатото во иднината, на држење на иднината како заложник на минатото, а со тоа и на држење на младите во заложништво. Историјата мора да се пројави, таа не се случува туку се предизвикува, и такви процепи кои значат историја и од кои можеме да учиме има во изобилство.

Потенцијалот на младите не ретко се излеал во историјата со цел да ја ослободи иднината од канџите на минатото. Да се потсетиме на еден од клчните настани за нешето современо сфаќање на светот, на можностите и потенцијалите кои денес ни се достапни од културата и уметноста, политиката, музиката и слободата. Без Мај 68-ма, ние денес би ги немале, се разбира зборувајќи во глобален контекст, слободните форми на израз преку кои младите ја живеат нивната креативност и го уживаат нивниот индивидуален животен порив.

Во Мај 68-ма година, Европа беше длабоко потресена од една од последните вистински револуции во нејзиното тло, овозможена токму од страна на политички мобилизираните студенти кои бараа прекин со минатото. Во различни земји се контестираа и оспоруваа разни општествени репресивни форми, во Германија се декларира крајно раскинување со традиционалните вредности кои го овозможија фашизмот, во Франција се бараше достоинствен живот за младите, во Италија се практикуваше автономија на младинските движења и просторот кој тие го заземаа, и речиси секаде се контестира етаблираната култура и конзервативната сексуалност.

Тие беа месеци на радикално премислување на културните и политичките контури на општеството. По Мај 68-ма, Европа веќе никогаш нема да биде она што беше пред таа клучна година. Новостите кои мајската студентска побуна ги вметна во политичката, општествената и културната реалност и ден денес претставуваат основа на прогресивните тенденции во Западна Европа и пошироко. Имено за време на претседателството на Саркози, кога тој се соочи со масовни младински нереди низ цела Франција, во неговиот полициски поход против милионите побунети млади низ цела држава изјави: „Имаме само неколку дена да го избришеме наследството од 68-ма“. Содржината која оваа година ја инаугурира во суштинското сфаќање на потенцијалот на младите и нивната улога во правење на историјата, штом еднаш се манифестира, таа остана засекогаш вмрежена во желбите и напорите на младите низ цела Европа за слободен и среќен живот.

Денес, во Македонија главниот личен и колективен предизвик е токму мобилизирање и организирање на младите кон градење на движења кои можат да понудат што повеќе настани преку кои младите го препознаваат нивниот директен животен интерес. Напорите треба да се стремат токму кон повторување на таквите настани, надевајќи се дека некој од нив ќе резонира со поголем дел од младинската популација и ќе овозможи процеп во континуитетот на историјата која денес ги угнетува оние кои мораат да преживуваат во оваа земја, а ги сели масовно оние кои имаат можност од тука да заминат. За такво преземање, полето на дејствување е широко отворено, од организирање на културни манифестации кои се оттргнуваат од службените регулативи за културата и содржината на уметноста, до разни форми на пружење на отпор на штетните политики за студентите, до пронаоѓање на нови автономни простори на дејствување каде младиската креација ќе се репродуцира во нови, досега непознати, форми на експериментација и слободно изразување.

Само преку препознавање на личниот и колективен повик за влегување во однос со историјата, денес младите во Македонија можат да ја предизвикаат иднината која им се припишува. Во спротивност, нашата индивидуална и општествена пракса ќе остане заробеник на историјата која се провлекува наназад од иднината за да ги лови желбите на младите во државава. Млаку хероизам на никого нема да му наштети. Индивидуалните подвизи кои можат да станат колективна пракса, и колективната смелост која понатака овозможува простор за слободен развој на идивидуата се надополнуваат истовремено.

Нашата историја е многу тешка за да може да се истрпи уште многу години. Таа тежи децении наследство без преиспитување, без прекин, без премислување, без експериментирање и иновација, без сето тоа товарот на историјата да ја истисне иднината. Мора да се побуниме против историјата, не поради некоја романтична идеја, туку поради фактот што секој следен ден ќе мораме да се прилагодуваме на несреќните студентски домови, на насилничкиот менталитет кој се произведува се повеќе кај младите, на паланечката култура на нашето општество, на нереализираните желби, и најтрагично на потиснувањето на самите желби.

Младите морат да влезат во разговор со историјата, и истата да ја реформатираат според нивните желби. Да, тешко е, но нема ништо потешко од слепо следење на диктатот на историјата.

Артан Садику, политички активист