[Колумна] Процес на образование или процес на индоктринација?

Образованието, наместо да создава уникатни индивидуи, способни и желни активно да се вклучат во општеството, стана лесен метод кој се користи за индоктринација на младите, пишува Александра Филипова, од Младински образовен форум (МОФ) во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа:

Oбразованието е процес во кој се вклучуваме уште од најмладите години. Процес кој има за цел да нè едуцира, воспита, да нè изгради како критички настроени личности со сопствен став и мислење. Наставниците и професорите се тука да нè водат низ тој процес, да ни служат како потпора и објективно да нè насочуваат кон изворите што можат да ја задоволат нашата жед за знаење, да ни понудат одговор на малиот милион прашања што ги имаме, да нè поттикнат да размислуваме и да прашуваме.

На овој начин ние го дефинираме општеството. На овој начин создаваме прогресивна младина способна да се носи со промените и желна да биде промената.

Но, колку е тоа така?

Секојдневно сме сведоци на систем во кој оценките се користат како казни за одредени размислувања и прашања на учениците и студентите, систем кој служи само да акумулира факти, а не да ги научи младите како да размислуваат. Истовремено, учебниците се преполни со стереотипни содржини, поттикнуваат говор на омраза, ја изобличуваат вистината и креираат ставови кои им се наметнуваат на учесниците во образовниот процес, како би се создале фабрикувани индивидуи без свое јас. Наместо да зрачат со знаење, учебниците, особено новите, „реформираните“ се создадени за да го индоктринираат секој кој ќе дојде во контакт со нив. И ова не е личен став, ова се факти поткрепени со вирално проширените фотографии од учебниците по граѓанско образование во кои суптилно се наметнува ставот дека граѓанинот треба да е послушен, учебниците по физика кои пропагираат погрешни информации, збирките во кои дури и множењето има погрешен краен резултат. Да, станува збор за новите „реформирани“ учебници!

Образованието, наместо да создава уникатни индивидуи, способни и желни активно да се вклучат во општеството, стана лесен метод кој се користи за индоктринација на младите. Го претворија во процес од кој излегуваат ограничени и оштетени единки со испран мозок и наметнати мислења и ставови. Притисоци, закани, намалени поведенија, заклучени училишни врати за да не се излегува на протест, за да не се искаже своето размислување, за да не се бориш за своите идеали. Ја изгуби својата воспитно-образовна функција и стана алатка за манипулирање на младите, алатка која креира послушници кои нема да се осмелат да се побунат за ништо, студенти и средношколци кои ќе се плашат да го искажат својот став, зашто се научени дека само општоприфатеното мислење е добро мислење. Создава ограничени луѓе кои лесно се претвараат во марионети. Образованието стана нешто од што треба да се плашиме!

Што можеме да направиме?

Како дел од овој очај од „реформирано“ образование, на нас останува макотрпно да се бориме за да си го повратиме. Време е да ја покажеме нашата моќ и сплотеност и јасно и гласно да истакнеме дека не сакаме образование коепроизведува фабрикувана младина, не сакаме наметнати ставови и размислувања и не сакаме да бидеме пасивни учесници во оваа фабрика за послушници!

Доста од лажни ветувања и навидум реформирано образование, доста е злоупотреба на образовниот систем, доста беше молк!