[Колумна] Плитки умови, длабоки џебови

Под поимот „индустрија“ се подразбира групирање бизниси што делат заеднички метод на остварување профит, како на пример „филмска индустрија“, „автомобилска индустрија“ или „сточарска индустрија“. Дали денес може да зборуваме за раѓањето на уште еден член во ова семејство — факултетската индустрија?

Живееме во општество на знаење. Пливаме во океан од информации. Но, сепак некако ја испуштаме поентата на образовниот процес, кој денес се обликува строго според економските и политичките интереси. Еден од главните фактори за промената на ориентацијата на универзитетот е неговото преуредување по т.н. претприемачки модел, според кој, човекот – студент своите способности ги гледа како капитал кој може да го продаде на пазарите кои брзо се менуваат. Причината зад владеењето на ваквата пазарна логика во образованието не може да се лоцира во еден историски момент, туку во развојот на цела низа долгогодишни реформи во образованието кои ѝ се случуваат на Европа под името Болоњски процес.

По 12 години од неговата имплементација во Македонија, сè уште не сме сигурни како тој треба да функционира, но, сигурно се држиме до тврдењето дека оној што инвестира во образованието, инвестира во иднината, а за тоа сведочи сè поголемиот број запишани студенти, додека од друга страна, условите за изведување на наставата стануваат сè поневозможни.

Во денешниот контекст, постојат две причини поради кои ваквото тврдење би се сфатило како шега: прво, инвестицијата во образованието се сведе на вложување на последниот денар на родителите, заработен со пот и со крв, за нивните деца да студираат, и второ, иднината стана толку неизвесна, што нивните дипломи, најверојатно, ќе останат затрупани во прав додека тие продаваат ситнурии за да си го овозможат опстанокот.

„На посиромашните треба да им се оневозможи пристап до разбирањето на механизмите за манипулација. Квалитетот на образованието треба да биде многу слаб или потпросечен; јазот помеѓу образованието на богатите и она на сиромашните слоеви да остане непремостлив и слично“.

Ноам Чомски

Просечната плата во Македонија е околу триста евра, а школарината, т.е. партиципацијата, варира во зависност од квотата, најчесто од двесте до четиристотини евра. Не смееме да заборавиме да ги додадеме трошоците за таксени марки со провизија, учебници и скрипти, запишување и заверување семестар, уверенија, потврди, ИКСА, Студентски парламент, а каде што мора и за станарина. Сè на сè, студентот како да платил уште една цела, ако не и две партиципации. Тоа е голема инвестиција, зар не? Сакаме да веруваме дека е и добра, но да погледнеме подобро — што навистина добивме од неа?

Студентот доби: статус на замолчена овца, изгубена низ бирократските лавиринти; ЕКТ систем, кој вреднува физичко присуство и одговори на заокружување, наместо вистинско знаење, интелектуална стимулација и критичко мислење; скратени материјали и скрипти од 1962 година; наметната мода на задолжително студирање; осакатен културен живот, без каква било можност за изразување; загарантирана диплома сè додека има пари да ја плати, зашто парите се единствен критериум за успех.

Државата доби: купишта дипломирани лица – интелектуалци на хартија, кои сепак се недоволно способни да се наречат експерти во својата област.

Универзитетот доби: статус на центар за скапи забрзани курсеви, фабрика за дипломи, фарма за одгледување послушни глувчиња.

Приватните бизниси добија: место за цветање и простор за дополнително акумулирање капитал.

Заклучок: Денес, на факултет е подобро да си глупав, отколку сиромашен.

Крајно време е да решиме дали ќе останеме само шрафчиња на оваа машина, која профитира од нашата наивност и создава плитки умови, или ќе ја вратиме смислата на образованието и на бидувањето академски граѓанин!

Ана Тодоровска
Извор: МО Мугра