[Колумна] Пат во (не)познат правец – Реформите во правното образование

Студирањето право во Македонија значително се промени во последните десет години. Воведувањето на принципите на „болоњскиот процес“ и „Европскиот кредит трансфер систем“ (ЕКТС) на правните факултети во Р.М., промената на времетраењето на додипломските правни студии (од 4 на 3 студиски години) како и основањето на повеќе нови приватни и државни правни факултети придонесуваат денешното правно образование да има многу малку сличности со образованието на правните факултети пред десетина години. Овие процеси отворија повеќе прашања и дилеми помеѓу професионалната фела како и помеѓу студентите на кои подолу ќе се осврнам чиј заеднички именител е прашањето дали реформите кои се спроведуваат ќе го зголемат нивото на стручност на новодипломираните правници.

[Колумна] Пат во (не)познат правец – Реформите во правното образование

Не смееме да заборавиме дека правното образование е првиот чекор во професионалната ориентација на сегашните студенти по право, а идни судии, адвокати и јавни обвинители кои за 20 години ќе го сочинуваат јадрото на нашиот правен систем. Според тоа реформите во правното образование имаат директни импликации за иднината на правниот систем на државата па постои и насушна потреба од поширока дебата во однос на реформите, нешто што речиси го немаше во претходниот период.

Во обид да придонесе во иницирање на јавна дебата во однос на ова прашање Македонското здружение на млади правници МЗМП започна неколку истражувачки активности во кои ги анализирираше реформите во правното образование и пристапот до правничката професија за младите правници. Како резултат на истражувањето МЗМП ја издаде анализата „Правното образование во Р.М. во периодот од 2003 до 2013 година – Анализа на реформите кои (не) го унапредија правното образование“ чии наоди ги презентираме подолу, а кои укажуваат на отсуството на стратешки пристап при дизајнирањето и спроведувањето на реформите во правното образование.

Неспорно е дека претходниот систем на правно образование со сите напластени проблеми беше зрел за реформа. Застарената наставна програма, отсуството на контакт студент-професор, занемарувањето на практичните правни вештини се само дел од проблемите кои требаше да бидат надминати со спроведените реформи. За жал наодите од досегашното истражување не се оптимистички. Отсуството на стратешки пристап при креирањето и спроведувањето на реформите не само што не ги надмина проблемите од претходно туку истото придонесе за генерирање на нови.

Воведувањето на принципите на „болоњскиот процес“ во рамки на правните студии со кои се промени траењето на правните студии (од 4 на 3 години), титулите со кои се стекнуваат студентите, наставната програма и начинот на полагање на испитите (воведување на испитите со избор на едно точно од повеќе можни одговори како основен метод за проверка на знаењто) беше спроведено избрзано и неусловено со ништо. Само за информација истата реформа во С.Р Германија предизвика сериозни реакции од страна на правните факултети како и од професионалните асоцијации, што беше повод за огромен број научни и стручни трудови и јавна дебата која сеуште не е целосно завршена.

Една од најголемите недостатоци на претходниот модел на правно образование беше целосниот фокус на теоретско запознавање со правото наспроти стекнувањето со вештини од практичните аспекти на правото. На голем дел од правните факултети во западните држави во наставните курикулуми опфатени се некои позначајни правни практични вештини (правно пишување, правно говорење, правна логика и анализа, правно истражување) кои се многу важни за правната професија. Во Р.М. со многу ретки исклучоци овие предмети не се опфатени и студенти по право немаат можност да се стекнат со овие практични вештини кои се особено потребни при барањето работа. Правните вредности (лојалност, заштита на интереси на клиент, владеење на право, професионалност итн.) исто така не се застапени во наставните програми иако е повеќе од очигледно потребно истите да се всадат во идните правници уште при првиот контакт со правото за време на студирањето.

Новите државни и приватни факултети кои нудат правно образование иако воведоа конкурентност и можност за избор на идните студенти по право не успеаа да го зголемат квалитетот на правното образование ниту пак да го збогатат со практични вештини. Отсуството на кадар (професори кои предаваат предмети од различни правни гранки) борбата за студенти и големата проодност се предизвици пред кои се исправени правните факултети. Ниту еден од новооснованите правни факултети, државен или приватен не успеа да се наметне како елитна установа за образование на правници чии студенти поради стекнатото знаење ќе бидат посакувани од адвокатските канцеларии и правосудните институции како што е случајот со елитните приватни правни факултети во западните држави.

Во меѓувреме бројот на запишани студенти во прва година на правните факултети во 2013 година е за 75 % поголем во споредба со податокот за 2003 година додека бројот на студенти кои дипломираа во 2013 година е за дури 144 % поголем од истиот податок за 2003 година. Растот на бројот на запишани студенти на правните факултети дури го надминува и растот на вкупниот број запишани студенти во државата. Ова отвора две дополнителни прашања, прво на што се должи ваквото зголемување на интересот за студирање право а второ како зголемувањето на бројот на дипломирани правници ќе влијае на пазарот на труд за правничките професии. Зголемувањето на бројот на дипломирани правници е резултат на новооснованите државни и приватни правни факултети, отсуството на приемни испити и во помала мера на атрактивноста на професиите и можноста за вработување. Во однос на рамнотежата помеѓу бројот на правници кои дипломираат во една година и бројот на отворени работни места може да се очекува дисторзија и зголемување на невработеноста на правниците.

Гореспоменатите проблеми и предизвици пред кои е исправено правното образование можат да бидат ефикасно надминати исклучиво преку иницирање на јавна дебата во која ќе бидат вклучени академската и професионалната фела која ќе се заснова исклучиво на стручни и издржани анализи. Од правното образование денес зависи правниот систем за 20 тина години, односно денешните студенти по право за 20 години ќе бидат вклучени во постапки во кои ќе се одлучува за слободата, имотот и правата на поединци поради што од општествен интерес е идните правници да располагаат со знаења, вештини и да ги почитуваат вредностите на правната професија.

Гоце Коцевски  – проектен координатор на Македонското здружение на млади правници