[Став] Асиметрична љубов

Од Трст од Драч не поминаа ниту два месеци, а регионот се лулаше како брод во длабоките и бурни морски води. И така секогаш на ивицата, да се биде или не…пишува Митко Арнаудов, докторант на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Судејќи по првите чекори на новата македонска влада се чини дека „добро познатите“ трендови продолжуваат онака како што беа и започнати. Пред сè соработка на соседско и регионално ниво. Впрочем, ајде и да не се лажеме, тоа е основиот услов на таканаречената меѓународна заедница за пружење подршка на локалните политички татковци. Затоа и не требa да бидеме изненадени, и онака многу пати рековме дека економските интереси на граѓаните се наоѓаат на последното седиште.

Македонската влада на чело со господинот Заев за брзо време ја позиционираше македонската држава во својство на „доброто дете во регионот”. Договорот со Бугарија се потпиша! Иако содржината на договорот дигна голема прашина на регионално медиумско ниво, Борисов и Заев во „братска прегратка“ го потпишаа истиот и се впишаа во европската историја на лидери со погледи насочени кон иднината. Како ќе се одразат одредбите од овој договор на меѓудржавните односи помеѓу Скопје и Софија останува да видиме, но во секој случај економските прашања повторно беа во втор план. Ако зборуваме реално…

Нештата брзо се редеа. Лидерите од регионот на Западен Балкан оваа година немаа ниту време за годишни летни одмори. Ракавите им беа засукани, а распоредите преполнети. Прво самитот во Трст, па дружење со Америкаците во Подгорица и пред само неколку дена неформалниот состанок во Драч, кој од страна на Еди Рама беше оквалификуван како самоиницијативен и без менторство од нашите европски аниматори. Ако ја следиме содржината на локалните „провладини“ медиумски гласноговорници слободно можеме да помислиме, или да кажеме дека регионот за неколку години ќе стане економска бајка.

Но, во меѓувреме работите и не одеа така добро. Република Хрватска воведе нови мерки односно додатни финансиски импликации кон увозот на земјоделски производи од државите-членки на ЦЕФТА 2. Таквата одлука направи додатни несогласувања и во оквирите на хрватска влада. Во меѓувреме, министрите од државите кои беа погодени од новите хрватски мерки се здружија и гласно се спротивставија кон новиот „економски непријател“. Креирањето слика на заеднички непријател неприродно ги зближи оние од другата страна. Но како и вообичаено брзо се дојде до решение. Повторно медијска помпезност, повторно тешки зборови, повторно обвинувања од сите страни и на сето тоа потсетување на неславната и трагична историја. Но, за само недела дена хрватскиот премиер ги одстрани новите мерки и ги врати состојбите во првобитната положба. Регионот се смири, турбуленциите исчезнаа, но прашањето до кога остана отворено.

И на сето ова кога ќе ја додадеме дипломатска битка помеѓу Скопје и Белград мислам дека се ќе ни биде јасно. Од Трст од Драч не поминаа ниту два месеци, а регионот се лулаше како брод во длабоките и бурни морски води. И така секогаш на ивицата да се биде или не… Додека се чинише дека македонската држава завршила со поглавјата на прислушкување од страна на безбедносните служби, Белград направи одлучен и ретко виден чекор.

Властите во Белград ги повлекоа своите дипломатски представници во Скопје со обвинувања дека македонска влада ги прислушкувала и делувала спротивно на интересите на Република Србија. Дипломатска војна од два дена е вистинскиот наслов за настаните кои ги обележаа македонско-српските односи минатата недела. За властите во Белград ова беше „голема“ работа, додека за министерот Никола Димитров наводите на српската влада беа невистинити, а чекорот на повлекување категорично погрешен.

И како во добрите шпански серии кога во последната епизода се разрешуваат сите несогласувања и љубовни проблеми, така беше овој пат и со односите помеѓу Македонија и Србија. Александар Вучиќ и Зоран Заев во „долг“ телефонски разговор не само што ги разрешија спорните прашања, туку креираа и мерки за понатамошно продлабочување на меѓудржавните односи.

После точно еден ден и половина безкомпромисни обвинувања и изјави спорните прашања беа решени. Чудно, ама и сами знаете дека е нереално. Дачиќ и Димитров се сретнаа во Ниш, љубовта повторно почна да цвета, додека Заев и Брнабиќ веќе договорија и заедничка седница на двете влади. Веројатно албанскиот премиер Рама е во право, односно таквите турбуленции во регионот не треба да ги гледаме како проблем, туку како прилика за интересен живот. Демек, регионот и понатаму нема да биде досаден, додека економски се интегрираме, на политичко ниво и во иднина ќе си „играме“ како мали дечиња.

Судбината на регионот и понатаму останува во рацете на политичките текови. Само ова може да биде заклучокот за поглавјето „од Трст, преку Подгорица, до Драч“. Овдешните лидери продолжуваат со истата тактика. Граѓаните и понатаму осиромашуваат, додека политичарите се смешкаат од самит до самит. Впрочем и самите станаа свесни дека не е битно што мислат граѓаните, туку дали ја имаат подршката од меѓународната заедница. Овде изборите станаа украсен детал, додека гласот на граѓаните само пригушен звук. И тоа е реалноста. Сето друго е пуста надеж и гола борба за власт!

 

Митко Арнаудов – Докторант на Универзитетот во Белград – Факултет за политички науки