Кока кола, ПепсиКо и Нестле се брендовите кои најмногу загадуваат со пластика

Кока кола, ПепсиКо и Нестле се компаниите кои во глобални рамки најмногу загадуваат со пластика, објави движењето „Break Free From Plastic“. Како што соопштија од движењето, пластиката од производите на овие три бренда е најчесто собирана во 239 акции за чистење во 42 земји, на 6 континенти.

Преку 187 000 парчиња пластичен отпад беа идентификувани, од илјадниците брендови чии пакувања се потпираат на пластика за еднократна употреба, која ги загадува океаните и водите на глобално ниво. Кока кола е главниот загадувач покажува глобалната ревизија на пластичниот отпад, а пластиката од брендот Кока кола е пронајдена во 40 од 42-те земји каде се спроведувале акциите за собирање отпад.

„Овие ревизии нудат неоспорен доказ за улогата што ја играат корпорациите во поттикнувањето на глобалната криза на загадувањето со пластика”, изјави глобалниот координатор на „Break Free From Plastic“, Фон Хернандез. „Со продолжување на употребата на проблематичната пластика што не се рециклира во нивните производи, овие компании се виновни за огромното загадување на планетата. Време е да прифатат и да престанат да ја префрлаат вината на граѓаните за нивните производи што загадуваат“.

Ревизиите, предводени од организациите – членки на „Break Free From Plastic“ откриле дека Кока кола, ПепсиКо, Нестле, Данон, Монделез Интернационал, Проктер и Гембл, Унилевер, Перфети ван Мел, Марс Инкорпорејшн и Колгет-Палмолајв се најчестите мултинационални брендови чија пластика е пронајдена во акциите за чистења, по наведениот редослед. Ова рангирање на мултинационалните компании вклучува само брендови пронајдени во најмалку десет од 42-те земји во кои се спроведени акциите. Општо земено, полистирен, кој на повеќето локации не може да се рециклира, бил најзастапениот тип на фрлена пластика, по што следи ПЕТ пластиката, материјал што се користи во шишиња, садови и други пакување.

Топ три загадувачи во Азија, според анализите, се брендовите Кока кола, Перфети ван Мел и Монделез Интернационал. Овие брендови сочинуваат 30 отсто од сите брендови кои загадуваат со пластичен отпад собран од азиските волонтери. Во Северна и Јужна Америка предничат Кока кола, ПепсиКо и Нестле, со удел од околу 64 и 70 проценти во сиот пластичен отпад, гледано по брендови.

Истите брендови се идентификувани како најголеми загадувачи и во Европа, со удел од 45 отсто од целиот пластичен отпад. Во Австралија, пак се издвоени 7-Елевен, Кока кола и Мекдоналдс, со 82 отсто  удел во сиот пронајден пластичен отпад. Во Африка, со 74 отсто, топ 3 загадувачи со пластика се АСАС груп, Кока кола и Проктер и Гембл.

„Break Free From Plastic“ ги повикува корпорациите да ја намалат употребата на пластика за еднократна употреба, да ги редизајнираат системите за испорака за да ја намалат или елиминираат употребата на пакувањето, како и да преземат одговорност за загадувањето со пластика. што го пуштаат во веќе затегнати системи за управување со отпадот и животната средина.