„Која пудра најдобро покрива модрици?“ – Донаторски настан на ХОПС

„Која пудра најдобро покрива модрици? Оние модрици физички и психички, особено кај оние кои се најмаргинализирани? Модрици кои сакаме да не се случуваат повеќе“, со оваа порака здружението ХОПС испрати повик за донирање на дела, ваучер, фотографии, слики, книги, накит… за настанот кој ќе се одржи на први јуни на кој ќе се прибираат средства за жените кориснички на услуги на ХОПС.

Настанот на кој ќе ја покажеме нашата поддршка ќе се оддржи во „BackYard Lounge Bar & Kids Area“, локал во центарот на Скопје, и ќе содржи разновидни активности како турнир во мал фудбал, кошарка, продажба на донирани уметнички предмети и предмети изработени од клиенти на ХОПС, ќе имаме и креативни работилници за деца. Настанот ќе го збогати промоција на изданието на мандали за возрасни Симона Манчевска, а крајот на денот е резервиран за кароке забава со Огнен Јанески. Целата агенда ќе ја имаме наскоро“, велат од ХОПС.

Организаторите велат дека собраните средства од овој настан ќе овозможат континуирана едукација за правна помош и поддршка во текот на целата година.

Сите заинтересирани своите дела можат да ги донираат најдоцна до 15 мај, а треба да бидат доставени на  Ул. Христо Смирненски бр. 48/1-6, 1000 Скопје, секој работен ден од 8 часот до 16 часот.  Или да ја контактираат Билјана Маџар на телефонските броеви 078599825, +389 (0)2 3 246 205, или на е-маил: biljanam@hops.org.mk.

ХОПС – Опции за здрав живот Скопје е здружение на граѓани кое од 1997 година активно ги спроведува своите програми и активности во Скопје и во останатите градови во Република Македонија. Во своето делување ХОПС помага кон подобрување на статусот на корисниците на дрога и сексуалните работници, како и на сите останати маргинализирани групи во општеството и во тој контекст сите тие се директни корисници или целни групи во работењето на здружението.