Кога не одговараат на мејл, студентите им се обраќаат на професорите преку социјалните мрежи

Во услови кога студентите преку електронските алатки ги следат предавањата, а и на тој начин ги полагаат испитите и колоквиумите, многу важен сегмент е комуникацијата што ја остваруваат со професорите и асистентите. Дел од студентите успеваат да одржат двонасочна комуникација со нив, но во случај кога имаат потешкотии тоа да го направат преку e-mail, комуникацијата се сведува на социјалните мрежи или пак, преку телефонска врска, пишува „Мета“.

„Мета.мк“ разговараше со неколку студенти во врска со тоа кои алтернативи ги користат доколку не успеат да искомуницираат со професорите за дадениот предмет. Студентката Евгенија Јовановска на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје вели дека иако на нејзината катедра се прилично постара генерација на професори, сите се снаоѓаат со онлајн часовите, но проблемот е што професорите или не одговараат воопшто или многу доцна одговараат на мејловите испратени од студентите.

„Еднаш се случи да пропуштам предавање бидејќи професорката испратила мејл во 11 часот навечер со линк за часот. Друг пат имаше ситуација воопшто да не ми стигнал меилот со линк за часот, или пак мејл со материјали кои што ми се потребни за наредниот час. Во тој случај мора да се снаоѓаме меѓу колегите, на што исто така не можеш многу да се потпреш, бидејќи не секој ќе сака да ти помогне“ изјави за „Мета.мк“, студентката Јовановска.

Како што појаснува таа, најголем проблем имала по еден предмет од нејзината катедра за кој одминал првиот академски месец додека го слушне првото предавање.

„Професорката ја исконтактирав на мејл, не ми врати, потоа ја добив со помош на библиотекарот, но повторно ми одговараше по неколку дена или пак не ми одговараше воопшто, потоа некако се најдов со колеги од друг факултет кои ми кажаа нејзини информации на Skype. Ја исконтактирав и таму, но не ми одговори и на крајот и пишав на вибер и сѐ што добив е само една порака која (претпоставувам) и се праќа автоматски на сите нови контакти. Подоцна повторно го исконтактирав библиотекарот. По еден месец, конечно го имав првото предавање“, додава студентката.

Во вакви случаи, како што вели Јовановска, студентите најчесто се обраќаат во Фејсбук групите за комуникација каде се праќаат линковите и материјалите во случај некој да не ги добил, но исто така проблем се јавува и со изборните предмети кои што многу од нив не се активни, а фидбекот од професорите е мал.

Слични поплаки и искуства може да се забележат во фејсбук групите за комуникација кои си ги креираат самите студенти. Тие најчесто се поделени во групи согласно студиите, но на некои факултети има и општи групи каде членуваат студенти од сите катедри на самиот факултет. Таму најчесто се консултираат и информираат во врска со испити, колоквиуми, учебници, скрипти, распореди, но и контакти од професори. Во дел од нив, може да се забележат коментари и објави од типот:

„Има ли студент кој успеал да оствари барем визуелен контакт со проф (…) во последно време? Дали некој знае кога ѝ е приемно време и дали некој има нејзин тел. број?“, прашува еден студент.

Друга студентка пак, прашува: „Колеги, да не знаете термин за земање оценки кај проф (…) или некаков контакт? Не враќа на мејл“.

Некои од студентите бараат помош од своите колеги за алтернативни решенија: „Дали некој знае кога му е приемно време на (…) или како да стапам во контакт, на мејл не враќа?“ – прашува студентка, на која во објавата и коментираат други студенти: „Дојди во петок, има испит, може ќе го најдеш ама не е сигурно зошто често закажува термин без да се појави. И јас го бркам 2 месеци за оцена“. Студентката која го поставила прашањето и одговара: „Јас една година, не знам ни како ќе ми ја даде“.

„Здраво дали имате мејл од проф (…)?“ прашува една студентка, на која друг студент ѝ одговара: „Пиши ѝ на фб зашо не враќа на мејл“.

Но, има и такви кои се шегуваат во коментарите на сметка за тоа што професорите не се достапни. На прашање од студентка која прашува дали некој има контакт од една професорка, нејзините колеги и одговараат дека професорката не одговара на мејл:

„Јас и имам пишано на професорката на фејсбук, џабе хаха“; „Ако ја најдеш, поздрави ја“; „Пиши пропало“.

Ова се дел од коментарите кои може да се забележат по фејсбук групите за комуникација на студентите.

Студентот Стефан Божиновски од Факултетот за ликовни уметности во Скопје пак, за „Мета.мк“ вели консултациите со професорите и пред пандемијата се случувало паралелно да се одвиваат и во живо, регуларно, додека се на факултет, но и онлајн, во случај да е неопходно нешто побрзо да се заврши.

Олеснителна околност на нивниот факултет е што студентите по некои предмети имаат настава со физичко присуство, а воедно и тие самите не се во огромен број што и ја олеснува меѓусебната комуникација.

„Консултациите и комуникацијата со професорите онлајн и сега, а и пред пандемијата се одвиваат генерално преку мноштво на канали, во зависност од кој канал соодветната група и професорот ќе одлучат дека најмногу им одговара за комуникација, било тоа да е мејл, социјални мрежи, апликации од типот на Вибер итн.“

Горан Спирески, студент на Економскиот факултет вели дека од почетокот на семестаров немал проблем да стапи во контакт со некој професор.

„Комуницирав со една професорка, но повеќе сме во контакт со асистентите. Тие ни се ставаат на располагање за домашни работи, задачи, трудови ако треба. Сепак има двонасочна комуникација, барем од нашата катедра по финансиски менаџмент“ рече за „Мета.мк“ студентот Спирески.

Во случај на пандемија, кога контактите во живо се ограничени, на студентите и на професорите не им преостанува ништо друго освен да ги исцрпат сите можности за користење на онлајн електронските алатки, сè со цел да ја одржат комуникацијата, но и образовниот процес во тек.

Мета