„Книга на реверс“ – ООУ „Манчу Матак“ со акција за подобрување на книжевниот фонд

Тимот за училишни иницијативи на ООУ ,,Манчу Матак” Кривогаштани, повикува граѓаните да земат учество во акцијата која ќе ја подобри состојбата со книги во училишната библиотека.

Од основното училиште велат дека решиле да ја спроведат акцијата „Книга на реверс“, бидејќи неретко меѓу книгите кои најчесто завршуваат по подрумите, има книги кои им се потребни на учениците, но и на возрасните кои сакаат да го збогатат своето знаење.

„Секој кој има книги кои сака за определен период да ги позајми во училишната библиотека, тоа може да го направи секој ден до 30 декември, 2021 година, во период од 10 до 14 часот. Нашата библиотекарка ќе ги заведе книгите, за нив ќе добиете реверс и ќе може да си ги земете по 10 јуни 2022 година“, велат од училиштето.

Оттаму дополнуваат дека за оние кои сакаат да подарат книги во училиштето, постапката е иста.