Ќе има и петта сезона од „House Of Cards“, но без авторот Beau Willimon

Додека фановите на американската серија „House Of Cards“ ја чекаат четвртата сезона, најавена за 4 март годинава, Нетфликс соопшти дека е нарачана и петта сезона, која ќе се емитува во 2017 година, но во неа нема да учествува авторот на првите четири сезони, Beau Willimon.

Наследникот на Willimon, кој во 2012 ја адаптира истоимената британска серија и ја претвори американската верзија во еден од најпопуларните телевизиски производи, се уште не се соопштува.

„По пет години и четири сезони, време е да се посветам на други предизвици, но се чувствувам многу горд од сето она што го направивме заедно со целата екипа и актерите Kevin Spacey и Robin Wright. И посакувам на серијата да продолжи со успесите и ја оставам во рацете на многу способен тим“, стои во соопштението на Willimon.

Четвртата сезона на неградуваната серија ќе биде издадена како и досегашните – сите десет епизоди наеднаш, на 4 март, што е малку подоцна од претходните години, кога премиерата беше во февруари.

Новост во продолжението е актерката Neve Campbell (позната од хорор-серијалот „Scream“), која ќе се појави како редовен лик во оваа сезона. Се претпоставува дека нејзиниот лик ќе биде уште еден конкурент на бескрупулозниот политичар и претседател на САД Frank Underwood.