Кинеските власти забранија копии од странска архитектура во земјата

Од англиските гратчиња, преку алпските села, се до Ајфеловата кула – копии од странска архитектура можат да се видат низ цела Кина, пренесе ББЦ.

Но, сега владата одлучи да го промени ова, со цел да го промовира локалниот дизајн. Во владината изјава се вели дека „нови плагијати, имитации и копирани дизајни“ се забранети во новите јавни објекти.

Триумфална капија во градот Вухан

Во изјавата се додава дека зградите „ја откриваат градската култура“ и дека „големите, странски и необични“ дизајни треба да бидат ограничени.

Упатствата исто така се однесуваат и на новите облакодери – ограничувајќи ги на максимум 500 метри.

Според „Глобал тајмс“, „лажните, безобразни верзии“ на странските згради се појавија во кватрови во кинеските градови.

Владата не кажува што ќе се случи со постојните „странски“ згради, но посочува дека ќе има „градски инспекции“ за да провери кои се проблемите.

Во изјавата која инаку е дадена на 27 април, но објавена неделава, се издвојуваат стадионите, изложбените центри, музеите и театрите како јавни објекти каде што е особено важно да се забрани плагијат.

„Градските градби се комбинација на надворешен имиџ на градот и внатрешен дух, што ја откриваат градската култура“, се вели во владината изјава.

Таа повикува на „нова ера“ на архитектурата за „зајакнување на културната самодоверба, покажување на градските одлики, изложување на современиот дух и прикажување на кинеските карактеристики“.