Кина сака да го отстрани „лошиот ефект“ на независното новинарство

Најпознатите кинески интернет портали добија забрана да објавуваат оригинална содржина за политички чувствителни теми. Ова е најнов чекор на претседателот Си Џинпинг во битката да се доведе кинеското новинарство под контрола.

Интернет гигантите, меѓу кои и Netease, Sina и Sohu, добиле наредба да ги прекинат актуелните истражувачки стории на кои работат во понеделникот, објави Кинеската администрација за сајбер простор.

Независното новинарство „сериозно ги повредува регулативите и има сосема лош ефект“, велат од Администрацијата.

Законите против таквите веб страници ќе бидат засилени, предупредуваат властите.

Потегот е глобално интерпретиран како последен чекор на Комунистичката партија уште повеќе да ја зголеми контролата над веќе цврсто контролираните медиуми.

Киао Му, професор на новинарство на Универзитетот за странски јазици во Пекинг, вели дека онлајн порталите одамна се спречувани да објавуваат оригинални вести за политички чувствителни теми.

Новата одлука е донесена само неколку недели откако интернет регулаторот на Кина, Лу Веи, неочекувано беше отпуштен од позицијата. Беше заменет од државниот цензор, Ксу Лин, кој работел заедно со претседателот Џинпинг додека бил претседател на Комунистичката партија во Шангај.