Кина ќе евакуира 9 000 луѓе за изградба на најголемиот радиотелескоп во светот што ќе бара вонземјани

Властите во Кина одлучија да евакуираат повеќе од 9 000 луѓе од југозападната провинција Гуижу оваа година, поради изградбата на најголемиот радиотелескоп во светот, за кој се вели дека ќе ја унапреди потрагата по вонземски живот.

Радиотелескопот висок петсто метри, чија изградба ќе ја чини државата 1,2 милијарди долари, ќе биде готов до септември, објави новинската агенција Ксинхуа во вторникот. Луѓето кои живеат во радиус од пет километри од местото каде ќе се гради радиотелескопот, треба да се преместат, а за возврат ќе бидат компензирани со 1800 долари, велат кинеските власти.

Кинескиот телескоп ќе биде поголем од сегашниот оперативен радиотелескоп, односно опсерваторијата Аресибо во Порторико, која е 300 метри во дијаметар. Овој објект, се состои од 4500 триаголни панели, кои ги рефлектираат радио сигналите од далечните делови на универзумот до приемник, пишува China Daily.

„Со поголема област за прием на сигнали и поголема флексибилност, радиотелескопот ќе биде во можност да скенира двпати поголема површина на небото за разлика од Аресибо, со три до пет пати поголема чувствителност“, изјави главниот научник од Националната астрономска опсерваторија Ли Ди.

Големиот телескоп се наоѓа во оддалечените планини Карст, во покраината Гуижу, со цел да обезбеди минимално мешање со други радио сигнали.

Кина спроведе неколку слични масовни преселби за инфраструктурни проекти во минатото, вклучително и за Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, за што неофицијално еден милион луѓе биле преселени од своите домови. Извештаите покажуваат дека 40 милиони луѓе се евакуирани од 1970 година поради развојни проекти во земјата.