Ќе се врши проценка на бездомните кучиња во Скопје

Агенцијата за храна и ветеринарство во тек на месецов ќе спроведе акција за проценка на популацијата на кучињата скитници на територијата на Скопје, пренесе МИА.

Ќе се врши проценка на бездомните кучиња во Скопје

За акцијата, што ќе се реализира со поддршка на Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија (РСПЦА), во тек се подготвителни активности. Ќе ја спроведат 6 волонтери, распоредени во 3 тимови. Волонтерите, соопшти денеска АХВ, се обучени за извршување на оваа активност и ги поседуваат неопходните знаења и вештини за соодветно извршување на процената на популацијата бездомни кучиња.

Методологијата и начинот на извршување на процената е во согласност со упатството за проценка на популација на кучиња скитници на Светското здружение за заштита на животните (WSPA). Согласно дефинираната методологија, Скопје е поделенo на 100 реона, а броењето ќе се изврши во 24 реонa.

Освен за бројната состојба за популацијата бездомни кучиња во главниот град, со пребројувањето АХВ најавува дека ќе се соберат и податоци за полот на кучињата, за тоа дали се работи за куче скитник или за куче кое има сопственик, но има пристап до улица и јавна површина.

Ќе се евидентираат и податоците дали станува збор за куче кое веќе е заловено од надлежното прифатилиште односно дали е соодветно видливо обележано, а со тоа и дека е стерилизирано и вакцинирано. Волонтерите ќе вршат и проценка на телесната кондиција на кучињата, а ќе се забележува дали животните имаат повреди на екстремитетите или на кожата.

Последна проценка на популацијата на кучиња скитници на територијата на Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство изврши во 2010 година, а спроведено е и истражување на јавното мислење во однос на домашните миленици и кучињата скитници. По завршување на активностите за спроведување на второто пребројување на бездомните кучиња во Скопје, Агенцијата ќе направи и компаративна анализа во однос на податоците од спроведената проценка во 2010 година. Освен во Скопје, проценка на популацијата кучиња скитници и истражување на јавното мислење, Агенцијата за храна и ветеринарство има спроведено и во Тетово, Гостивар и Неготино.