Казна – садење 600 стебла за полицаецот што нападна демонстрантка од протестите во паркот Гези

Турскиот полицаец кој со солзавец нападна девојка за време на антивладините протести во 2013 година, беше прогласен за виновен поради недолично однесување. Судот му одреди условна казна од 20 месеци затвор и му нареди да засади 600 дрвја.

Судот во Истанбул го осуди полицаецот Фатих Зендин на 20 месеци условна казна затвор, што нема да се исполни ако не го повтори прекршокот во наредните пет години. Полицаецот дополнително ќе треба да засади 600 дрвја и ќе биде одговорен за нив во текот на првите шест месеци од нивното садење.

Сејда Сунгур е девојката која многу брзо стана препознатлива како „девојката во црвено“ откако низ социјалните мрежи се појави фотографија во која го трга своето лице од солзавецот вперен кон неа. Тоа всушност стана симбол за антивладините протести, кои беа предизвикани од планот за реконструкција на Гези паркот во центарот на Истанбул пред две години.

Нејзиниот лик често се појавуваше на постери и налепници за време на протестите кои ја преплавија целата држава.

Зенгин беше обвинет за употреба на прекумерна сила, а обвинителите побараа казна од три години затвор.

Владата ги отфрли овие протести, кои беа првична реакција против планот за остранување на зеленилото во паркот Гези.

Во бранот демонстрации, кои беа одбележани со судири со полицијата, единаесет лица загинаа, а повеќе од 8 000 лица беа повредени.