„Катастрофа за слободата“ – Невладините со критики за новиот закон против лажни вести во Сингапур

Парламентот на Сингапур синоќа изгласа нов закон против „лажните вести“, чекор кој од страна на групите за човекови права, новинарите и технолошките компании го критикуваа како опасен по слободата на говорот.

Според законот, кој беше усвоен вчера, интернет медиумските платформи ќе мора да коригираат или да отстрануваат содржини кои владата ќе ги прогласи за погрешни, додека казните за сторителите можат да бидат затвор до 10 години или парична казна до 1 милион сингапурски долари (735 илјади американски долари).

Технолошките гиганти, помеѓу кои и Гугл и Фејсбук соопштија дека законот дава премногу моќ на власта да одлучува што е вистина, а што е лага.

Заменик директорот на Хјуман Рајтс Воч за Азија, Фил Робертсон, изјави дека новиот закон е „катастрофа за интернет изразувањето од обичните Сингапурци и дека е тежок удар против независноста на најголемиот дел од онлајн новинските портали“.

„Лидерите на Сингапур изработиле закон кој ќе има застрашувачки ефект на интернет слободите во Југоисточна Азија и веројатно ќе започне нов сет на информациски војни додека се обидуваат да ја наметнат нивната тесна верзија на „вистината“ за светот“, вели Робертсон.

Министерот за правда на Сингапур, К Шанмугам, пред парламентот изјавил дека никој не треба да стравува од законот.

„Слободниот говор нема да биде засегнат од овој закон. Ние овде зборуваме за невистини. Зборуваме за ботови… тролови… лажни профили и слично“, изјавил Шанмугам.

Сингапур е позиционирана на 151-то место од вкупно 180 држави според Индексот на слободата на медиумите на Репортери без граници. Зад држави како Русија и Мјанмар.

Богатата град-држава е ранлива на лажни вести поради нејзината позиција како глобален финансиски центар, мешаното етничко и религиозно население и проширеноста на интернет пристапот.