Канје Вест соопшти дека ќе се кандидира за претседател на САД во 2020 година

Раперот Канје Вест ја објави својата кандидатура за претседател на САД.

Неочекуваниот предизвикувач на Доналд Трамп и на Џо Бајден, го одбра американскиот Ден на независност за да го објави изненадното соопштение на Твитер, предизвикувајќи бура на социјалните медиуми.

„Сега мора да го реализираме ветувањето на Америка со тоа што ќе веруваме во Бога, обединувајќи ја нашата визија и градејќи ја нашата иднина“, напиша Вест. „Јас се кандидирам за претседател на Соединетите држави“.

Не е јасно дали 43-годишник поднел официјална документација да се појави на гласачките ливчиња за државни избори. Крајниот рок за додавање на независни кандидати на гласачкото ливче сè уште не поминал во многу држави.

Вест, кој е многукратен добитник на Греми, веднаш доби поддршка од Илон Маск, главниот извршен директор на производителот на електрични автомобили „Тесла“ коментирајќи: „Ја имате мојата целосна поддршка!“

Вест и неговата сопруга во 2018 го посетија Трамп во Белата куќа за да разговараат за реформите во затворите. Тогаш изрази симпатии кон Трамп и најави кандидатура дури по 2024-та година.

Гласањето за нов претседател е закажано за 3 ноември.