Канадски студенти со „скршени срца“ протестираа против скапата школарина

Стотици студенти  на Денот на вљубените формираа „прегратка“ околу Универзитетот Конкордија во Монтреал, во знак на протест против зголемувањето на износот за школарина само за студентите-странци. Демонстрантите, кои носеа транспаренти во форма на срца, се жалат дека со зголемената школарина нема да можат да ги задоволат основните потреби, а поскапувањето може да значи крај на студиите за голем број од нив, кои зависат од помошта на родителите или од ограничени стипендии.

Во светло на претстојниот Самит за високо образование што ќе се одржи во провинцијата Квебек, а на кој ќе се одлучува за намалување на буџетите на универзитетите, студентите од „Конкордија“ планираат да испратат стотици картички за Денот на вљубените до премиерката на Квебек Полин Мароа и на министерот за високо образование Пјер Душен, како и до раководството на нивниот универзитет. Со овие картички, тие ги молат надлежните „да имаат срце и да ги излечат срцата на студентите-странци“ со тоа што ќе го запрат одлучувањето според различни аршини и ќе ја зголемат финансиската поддршка за меѓународните студенти.

„Бараме само фер третман. Не не исклучувајте од одлучувањето, не не исклучувајте од општеството во Квебек, ние исто така имаме право на пристоен живот“, рече студентот на политички науки Марио Нуел.

Според Здружението на дипломирани студенти од универзитетот Конкордија, дури 40 проценти од студентите-странци на универзитетот не можат да ги задоволат основните животни потреби.