Како си ми? – втора студентска филолошка конференција

Втората студентска филолошка конференција „Како си ми?“ ќе се одржи на 26 март на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

На неа може да учествуваат студенти на додипломски студии од Филолошки факултет и Филозофски факултет, но и од другите факултети чии дисциплини имаат допирни точки со филологија.

Конференцијата ќе се состои од излагања, индивидуални или групни, од по 10 минути по кои ќе следува дискусија. Темите на излагањата може да бидат од областа на филологијата, т.е. лингвистиката, книжевноста (може и прикази на книги), методиката, преведувањето или толкувањето, или што било друго поврзано со нив. Темите може да бидат и споредбени, на пример помеѓу два или повеќе јазика, а работен јазик на конференцијата е македонски.

Идејата е со оваа конференција да го поттикнеме интересот кај студентите за истражувачка работа, јавна презентација и дискусија на темите што нѐ интересираат за време на нашите студии.

Рокот за пријавување за учество на конференцијата е 29 февруари.