Поголема транспарентност и достапност до македонските граѓани, за тоа како се трошат нивните пари е мотивот зад изработката на „Граѓанскиот буџет“ на Министерството за финансии, преку кој, сликовито и поедноставено се презентирани клучните информации од Буџетот на Република Македонија.
Од министерството за финансии посочуваат дека Граѓанскиот буџет не е замена за деталниот Буџет на Република Македонија, туку се објавува со цел на неекспертската јавност, на разбирлив начин, да и се претстават клучните информации од тоа како се распределуваат јавните пари.
„Граѓанскиот буџет е една од алатките со кои Министерството за финансии ја отвора транспарентноста и отчетноста на јавните финансии. Ние сметаме дека целосниот увид на јавноста во тоа како се трошат парите на граѓаните е важен чекор напред во спречување на злоупотребите од страна на носителите на власта. Истовремено, нашата намера е преку зголемување на информираноста на јавноста да влијаеме на посилно вклучување на граѓаните во креирање на владините програми и политики“, вели во предговорот министерот Драган Тевдовски.
Од министерството најавуваат дека следниот Граѓански буџет ќе се објави со предлог Буџетот за 2018 година и изработката на овој документ ќе стане пракса и во иднина.
Граѓанскиот буџет во ПДФ формат може да го погледнете на следниов ЛИНК.