Како е да се работи за стартап кој продава марихуана

Новата индустрија во пораст и нејзините вработени се водени од една цел, многу мотивирани и понекогаш „надувани“.

На прв поглед, MassRoots изгледа како секоја друга технолошка компанија во Америка. Социјалната платформа за ентузијасти на марихуана, лоцирана во Денвер, има современа канцеларија со 33 талентирани програмери и продавачи.

Но, под површината, има нешто уникатно во тоа да се работи во стартап за марихуана, особено затоа што на вработените им е дозволено да ја конзумираат супстанцата во работните часови.

Американските претприемачи кои продаваат „трева“ ја дефинираат работната култура на напредната индустрија, култура која постои како комбинација од социјална мисија, финансиска можност и типичен стартап живот.

„Секој од нас овде верува дека канабисот треба да се легализира од економски, социјални и морални причини, па има огромна страст“, вели Исак Дитрих, извршен директор и коосновач на компанијата. „Многумина од нас исто така користат марихуана, и сме многу поврзани со билката, па затоа е нешто за што сме многу мотивирани и сакаме да ја движиме каузата напред“.

Иако има елемент на залагање, иновативноста во сосема нова индустрија е исто така ретка и возбудлива можност за вработените, објаснува коосновачот Стјуарт Фортиер.

Голема понуда на технолошки компании кои продаваат марихуана моментално ги услужуваат лиценцираните корисници на медицинска марихуана во 23 американски држави. Дистриктот Вашингтон, како и жителите на четирите држави кои легализираат рекреативна конзумација. Постои и компанија за сместување, наречена Bud and Breakfast, како и голем број веб страници и апликации за рецензии на продавници и алатки, како Leafly и WeedMaps. Во 2014 година, индустријата чинела 2,7 милијарди долари, а се очекува да порасне до 11 милијарди во 2019 година.

„Ние не сме како стартапите за имејл маркетинг, или за анализа на податоци“, вели Фортиер. „Ние сме дел од оваа „кул“ индустрија и правиме многу „кул“ нешта. Со канабисот има толку многу можности и возбуда, секоја личност овде има екстра енергија која се добива кога имаш отворено поле со можности пред тебе“, објаснува.

Да се создаде индустрија од нешто што порано било забрането, исто така дава можност за отвореност и транспарентност, што е тешко да се најде во поголема организација. Слична таква компанија е и Flowhub.

„Секоја среда во 4:20 часот имаме „420 рели“, кога конзумираме различни производи со канабис, и се собираме како компанија и зборуваме за најголемите проблеми со кои се соочуваме, не само како компанија, туку и како индустрија, и за начини на кои може да ги решиме“, вели Кајл Шерман, извршен директор на FlowHub.

Признавајќи дека многу американски работници користат марихуана тајно, Шерман верува дека политиката на отворена конзумација помага да се култивира поширока култура на транспарентност.

„Се додека има резултати, нам не не интересира како сте стигнале дотаму, се додека сте ефективни на работното место“, вели, потенцирајќи дека пушењето е сепак забрането внатре во канцеларијата.

„Многу ретко нашите вработени користат канабис за време на работниот ден. Но, нашиот креативен тим оди на „брејнсторминг“ сесии во текот на денот. Тоа им помага да размислуваат за некои креативни проблеми на различен начин, и покажуваат неверојатни резултати“, тврди Шерман.

Шерман вели дека како и со секоја друга супстанца, ако забележи дека неговите вработени премногу користат марихуана или се неефективни  на работа, ќе се вмеша, но вели дека досега немало таков проблем.

Тоа е така бидејќи значаен елемент во процесот на вработување е филтрирањето на оние кои можат да претераат, додека се таргетираат талентирани индивидуи кои веруваат на компанијата и нејзината социјална мисија.

„Мислам дека има нешто многу уникатно во FlowHub. Тоа ни е во крвта“, додава Шерман, не мислејќи на ТХЦ во нивниот систем, туку на страста која тој и неговите вработени ја делат за заземање и иновација за новата индустрија.