„Кајакарење на бетонската река“ и проекција на филм за „Balkan Rivers Tour 3“

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ и Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ организираат серија настани во склоп на кампањата „Balkan Rivers Tour 3“ на Balkan River Defense.

Ова вклучува кајакарење, проекција на документарен филм и креативната активност „Кајакарење на бетонската река“ кај Влада. Настаните ќе се одржат во среда 12-ти, четврток 13-ти и петок 14-ти септември.

„Balkan Rivers Tour“, односно „Кајакарeње по балканските реки“ е кампања за подигање на свеста за недопрената природа и прекрасни речни долини и кањони на Балканот. Со турнејата, тимот на Balkan Rivers Tour дава поддршка на локални иницијативи што имаат заедничка цел – да ги заштитат последните слободни реки во Европа.

„Balkan Rivers Tour 3“ вклучува кајакарење по 23 реки низ 6 држави во 39 денови, почнувајќи од Тепелене, Албанија па се до Љубљана, Словенија, вклучувајќи ја и Радика во Националниот парк Маврово. Во рамки на овогодинешната турнеа тимот премиерно ќе го прикажува и својот документарен филм ‘„The Undamaged” (‘’Неоштетените’’) снимен за време на турнеите во 2016 и 2017 година.

Проекцијата и учеството на настаните е бесплатна.

Целата агенда може да се погледне ТУКА.

Инаку, „Еко-свест“ истовремено апелира да се заштитат последните слободни реки во Европа, па повикува на иницијатива-петиција за воспоставување зелени зони за сини реки.