„Јутјуб“ видеа на студенти кои учат на своите работни маси станаа вирални ширум светот

Додека милиони луѓе низ светот учат на далечина, интернет просторот се збогати со уште еден вирален тренд на видеа на кои студенти работат и учат на нивните работни маси со часови во тишина, со музика и слично. Познати како „преноси за учење“ или „гонгбангс“ на корејски, од каде што и потекнуваат видеата, тие им даваат впечаток на студентите дека учат со други луѓе, правејќи им да се чувствуваат помалку изолирани, пишува „Евроњуз“.

Поради пандемијата и ефектите од студирањето во домовите со часови, постои зголемена загриженост во врска со менталното здравје на студентите.

Некои од видеата често траат повеќе од три часа и биле прегледани повеќе од еден милион пати. Интернет корисниците пак сугерираат дека тие делуваат терапевтски на нив и дека им помагаат со анксиозноста.

Во разговор за „Евроњуз“, претседавачот на студентскиот комитет на Британското психолошко друштво Едуард Даниел Маргарит ги објасни позитивните ефекти што ги имаат видеата врз изолираните студенти.

„Имате шанса да гледате некој друг како работи на својата работна маса, така што, тоа некако ве мотивира и вас“, рече Даниел Маргарит.

„Гонгбангс“ се само еден метод што студентите го користат за да се мотивираат да учат за време на пандемијата. Застапничките групи за ментално здравје повикуваат на зголемена свесност за менталното здравје на младите во време на кризата со Ковид-19.

„Мејловите кои лично ги добивам се срцепарателни. Да, постои поддршка, но многу е тешко да се најде или да се дојде до неа. Би ги охрабрил сите студенти доколку се чувствуваат дека им треба било каква поддршка… да контактираат со своите универзитети и со регулаторните тела“, вели Даниел Маргарит.