Јубилејно 10. издание на БОШ фестивал во Гевгелија

Во Гевгелија од денеска до недела се одржува јубилејното 10. издание на БОШ фестивал. Посетителите ќе имаат можност да погледнат изложби, инсталации, филмови, да слушнат концерти и диџеј сетови, како и да учествуваат во работилници.

„Истрауматизирани од секојдневниот живот, потресени од емотивната пустоловина, отуѓувањето и желбата за моќ, од петни жили го создадовме БОШ 10 – Летувалиште како место за опоравување, лекување, обновување на невроните, страста и другарството. Со најдобра програма досега дојдете заедно да го прославиме јубилејот од 10 години на БОШ фестивалот со независна современа уметност од субкултурната сцена“, велат организаторите.

Фестивалот пред десет години започна во чест и почит кон прерано починатиот актер и поет Бошко Бозаџиевски. Досега се поставени 70 самостојни и групни изложби, се одржаа 90 музички настапи, 40 проекции на филмови, 20 работилници, осум перформанси и по шест инсталации и театарски претстави.