ЈСП: Жичницата на Водно со вообичаено работно време за празникот

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ информираме дека жичницата „Милениумски крст“ на Водно во вторник (28 август), ќе работи со вообичаено работно време и покрај тоа што станува збор за последен вторник во месецот, кога обично се врши редовен сервис на објектот.

„Во случајов, ЈСП Скопје одлучи позитивно да одговори на барањето на поголем број граѓани кои деновиве иницираа жичницата на посочениот ден да работи имајќи во предвид дека е неработен ден (верски празник) за поголем број граѓани и извесно е дека дел од нив планираат очекуваното сончево време да го минат на падините на Водно“, стои во соопштението на ЈСП.

Истовремено, ЈСП напоменува дека автобусите на линија „25“ (Транспортен центар-Средно Водно), „25А“ (Стара железничка станица-Средно Водно) и „25Б“ (Дом на печат-Средно Водно) ќе возат по неделен возен ред, а превозот за сите патници ќе биде бесплатен за сите категории на патници.

Редовниот сервис на објектот предвиден за последниот вторник во месецов (28 август), ќе се изврши во среда (29 август), односно жичницата тој ден нема да работи.