Јордан го укина законот со кој силувачите не одат во затвор доколку стапат во брак со жртвата

Закон кој ги заштитуваше силувачите од казна доколку стапат во брак со своите жртви конечно беше укинат во Јордан.

Јорданскиот кабинет го отповика Членот 308 во неделата, после неколку години неуморно залагање на активистите за женски права, како и муслиманските и христијанските академици и други.

Според сега укинатиот закон, силувачите можеа да избегнат затворска казна доколку се оженат со својата жртва и останат во брак најмалку три години. Неговите поддржувачи велат дека законот ја заштитувал честа и репутацијата на жртвата.

 

Но, минатата година беше направен амандман за силувачот да може да стапи во брак со жртвата само доколку е на возраст меѓу 15 и 18 години, и доколку нападот е „консензуален“.

Потоа, во февруари, кралски комитет предложи дека законот треба сосема да се укине.

Тогаш, потегот беше добредојден од страна на активистката Лаила Нафа како „остварување на сон“.

Сепак, битката да се стави крај на законската дупка во другите земји од Блискиот исток е далеку од готова, пишува ВВС.

Додека Јордан го аболицира Членот 308, либанските активисти бесат венчаници долж најпознатото крајбрежје на Бејрут, во знак на протест против либанската верзија на законот.

Тие се надеваат дека ќе биде укинат во мај, а активистите се надеваат дека повлекувањето на овој закон кој ги повредува човековите права на жртвите, ќе доведе до промена и на други места.

Портпарол за Еднаквост Сега (Equality Now), група за заштита на човековите права која се бори за жените и децата низ светот, вели: „Со силувањето и сексуалната злоупотреба кои влијаат на речиси милијарда жени и девојки во текот на нивниот живот, повлекувањето во Јордан и Либан би биле значајни примери кои покажуваат како промената е возможна во арапскиот регион и насекаде во светот, за државите со слични примери“.

„Мароко, Египет и Етиопија ги затворија сличните законски дупки, а се подготвуваат амандмани и во Бахреин“.