„Јавно силеџиско претпријатие“ – протест пред седиштето на ЈСП

Со паролите „Бараме правда“, „Јавно силеџиско претпријатие“, „Еднаквост“, „Денес Сирхан, утре ти“, но и блокада на булеварот во Автокоманда, десетици граѓани денеска излегоа на протест пред седиштето на Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје поради, како што велат, насилството од страна на контролорите.

Со протестот тие побараа поголема внатрешна контрола, вработување Роми – контролори, но и отказ за  двајцата контролори, за кои студентот Сирхан Усеин обвини дека насилно го исфрлиле од автобус пред неколку дена.

Усеин пред насобраните граѓани ја опиша ситуацијата која се случила на 9 февруари.

„Од овој настан претрпев огромен стрес и се здобив со лесна телесна повреда за која имам и медицинска документација. Со овој протест сакам да искажам мое незадоволство од пристапот на вработените контролори на ЈСП кон мене.

Верувам дека на многу други граѓани им се имаат случено вакви или слични ситуации. Тука сум да зборувам во име на сите граѓани кои беа малтретирани од контролорите на ЈСП“, изјави Усеин.

На протестот се обрати и младиот Теодор Петковски, кој сподели своја непријатна приказна поврзана со контролорите на ЈСП.

„Ова што се случува е срамота и преседан, бидејќи ЈСП е станато претпријатие само за грабање пари од тие што најмалце ги имаат. Да платиш билет во ЈСП треба да ти биде алал, а не арам. Некои не можат да си го дозволат превозот кој што тие го нудат.  Контролорите пријавија дека јас сум ги тепал нив, за да дојдат две коли Алфи и да ме држат мене пет саати во Автокоманда. Дојдоа со две коли, со нерегистрирани таблици, црни, мислиш мафијаш апсат“, изјави Петковски пред присутните.

Демонстрантите најавија протест за неколку недели доколку не ги исполнат нивните барања. Следниот протест, велат, ќе биде пред Град Скопје.

М.К.