„Јавна соба“, нов центар за дизајн и иновации во центарот на Скопје

Вечерва се отвора центарот за дизајн и иновации „ Јавна соба“ во Скопје. Целта е новиот, урбан и иновативен простор, кој бара и нуди слобода и ум, креативност и оргиналнoст, да биде дом на сите креативци и претставници на деловната заедница во Македонија.

„Креативниот потенцијал во Македонија е недоволно искористен, а уште помалку е артикулиран, тоа го покажуваат многу досега спроведени пазарни анализи и истражувања. Она што им е потребно на младите креативци е да имаат еден отворен простор во кое ќе добијат стручна и техничка поддршка во развој и пласман на нивната идеја, а во исто време нивните прототипи да бидат презентирани во деловните кругови“, вели Александар Велиновски, директор на Јавна Соба.

Дизајнерите од секој ранг и профил: графички, продукт, модни, накит и сл. ќе можат да ги ползуваат можностите за развој на прототи и продажба на истите. Во рамки на центарот функционира мајсторска работилница, концептуална продавница за млади и дизајнерски брендови, детска работилница, сала за состаноци со бизнис заедницата, библиотека, галерија, како и барско ресторански дел. Покрај овие простори,Јавна соба ќе го организира Skopje Design Week 2015 токму на оваа локација, најавува и формирање на дизајн инкубатор во 2016 година.