Јапонски уметници ги претставија земјите на Олимписките игри како самураи

Група јапонски уметници се надеваат дека ќе го доловат духот на претстојните Олимписки игри и јапонската култура цртајќи ги знамињата на земјите што ќе се натпреваруваат налик на самурај. Меѓу нив е претставено и знамето на Северна Македонија.

Манчевски, висок 182 цм, најмногу сака да јаде ќебапи и мусака. Негова јака страна се независноста и лидерството. Тој е пријателски настроен кон сите. Вака е опишан самурајот инспириран од боите на македонското знаме.

Покрај него, претставени се уште 83 други големи и мали нации во проектот насловен„Светски знамиња“, вклучувајќи ги и Индија, Јужна Африка, Велика Британија, Шри Ланка, Салвадор и Турција.

„Самураите се уникатни за Јапонија и сакаме сите да ја запознаат традиционалната јапонска култура“, вели креаторот Камаја Јамамото за BBC.

Пред да го направи дизајнот, тој го истражува значењето и историјата на знамето на земјата, а потоа ја истражува и нејзината култура.

На пример, бидејќи на мексиканското знаме има орел, качен на кактус, кој јаде змија, Јамамото ги измешал овие елементи заедно за да создаде самурај со обележје на змија и придружник орел.

Секој лик, исто така, доаѓа со краток опис на нивната личност, јаки и слаби страни, како лик од видео игра.

„Се надеваме дека ова може да биде начин луѓето да научат за другите земји“, вели Козо Јамада, друг уметник кој учествува во проектот.

„Тоа е идејата на Олимписките игри“, додава тој.

Самураите играле огромна улога во јапонската историја уште од 12-ти век. Иако самите самураи веќе не постојат, останал системот на чест и дисциплина како важен во јапонската култура дури и денес.

Сепак, 15-те уметници кои се автори на проектот не заработуваат пари од ова и го прават во слободно време. Досега нацртале самураи со знамињата на 84 држави, од вкупно 200 кои ќе се натпреваруваат.

Кога станува збор за дизајнот на ликовите, тие примениле колаборативен пристап – понекогаш споделувале анкети на Твитер и барале од луѓето да гласаат за најистакнатиот симбол или предмет од конкретна земја.

Сепак, понекогаш, тие добивале и негативни повратни информации, за кои велат дека исто така можат да бидат корисни. Кога за првпат го нацртале самурајот за Шпанија, на пример, ликот бил замислен како бик.

„Признавам дека некои ликови можеби се малку стереотипни затоа што се базираат на јапонската перспектива на светот“, вели Јамамото.

„Не знаевме дека борбата со бикови е контроверзна во Шпанија. Добивме критики преку интернет, па го сменивме”.

Некои амбасади во Јапонија, како на Хондурас и Венецуела одделно контактирале со уметниците затоа што сакаат да ги прикажат сликите од самураите.

Свеченото отворање на Летните олимписки игри 2020 ќе се одржи денеска со почеток во 13 часот по македонско време на „Националниот стадион“ во Токио. Уметниците се надеваат дека ќе го кренат олимпискиот дух во јавноста, иако годинава игрите нема да можат да се гледаат во живот поради пандемијата на Ковид-19.