Јанкуловски: Немам лесна работа, морам да ја одржувам автономијата на УКИМ

Ден пред почетокот на новата академска година, Никола Јанкуловски ја презеде функцијата ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за периодот 2016-2020. За време на инаугурацијата, тој посочи дека е свесен за неговата, како што вели, огромна одговорност да го одржува развојот на УКИМ, кој како најстар и најголем универзитет во државата треба да продолжи да дава значаен придонес во промоцијата на квалитетот на високото образование.

„Немам лесна и едноставна задача. Напротив, имам голема обврска да го продолжам патот на моите претходници во одржувањето на автономијата и јакнењето на Универзитетот. Тој пат ќе биде вистински и без препреки само ако го одиме заедно, само ако сите се заложиме да продолжиме да го надградуваме и унапредуваме Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како автономен современ универзитет, рече Јанкуловски кој беше инаугуриран во 23-ти ректор на УКИМ.

Тој нагласи дека низата нерешени прашања во високото образование треба што поскоро да најдат соодветна разрешница.

„Убеден сум дека сите заедно можеме заеднички да работиме и само на тој начин да го направиме УКИМ подобар, посилен и значаен фактор во европскиот заеднички образовен и истражувачки простор кој перменентно ќе работи во насока на зајакнување на својата позиција како рамноправен и респектабилен член во европското и во светското академско окружување“, рече Јанкуловски.

Тој потпиша свечена изјава, заедно со четворицата нови проректори: за настава – Вуиса Живковиќ, за меѓународна соработка Гордана Јосифова-Неделковска, за финансии, инвестиции и развој – Билјана Ангелова и за наука – Владимир Петрушевски. Меѓудругото, ги повика деканите и професорите да соработуваат во име на развојот и просперитетот на УКИМ.

Новиот ректор ја презеде должноста од досегашниот Велимир Стојковски, кој беше на чело на УКИМ во два мандата, од 2008 до 2016 година. Стојковски откако му ги предаде на својот наследник ректорските надлежности му посака здравје и енергија, како и мудрост и трпение, за кои нагласи дека ќе му требаат.

Јанкуловски беше декан на Медицинскиот факултет до изборот за ректор на 27 јуни годинава. Тој е професор по предметот Хирургија и абдоминален хирург. Од септември 2007 до април 2009 година бил директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија. Добитник е на наградата „Св. Климент Охридски“ од областа на здравството во 2013 година и наградата „11 Октомври“ во 2015 година.