Израел отсега ќе бара за сите граѓани постари од три години да покажат доказ за вакцинација или негативен ковид тест за влез во затворени простории по порастот на инфекции, пренесува BBC.
Рестораните, кафулињата, музеите, библиотеките, спортските сали и базените се дел од местата опфатени со системот „Зелена пропусница“ („Green Pass“). Сепак, доказ за имунизација нема да биде потребен при влез во продавници или трговски центри.
Надлежните велат дека земјата е „во војна“ со вирусот и покрај нејзината водечка светска програма за имунизација на населението.
Израел бележи пораст на инфекциите од крајот на јуни поради делта сојот.
Министерството за здравство вчера објави околу 7.870 нови случаи на Ковид-19, што е помалку од понеделникот кога достигна дневен рекорд од 8.752 нови случаи.
Повеќе од 120 луѓе починаа откако се заразија со вирусот во изминатата недела – двојно повеќе од вкупниот месечен број во јули – и 600 луѓе се во сериозна или критична состојба во болница.
Владата се обидува да се избори против вирусот со нови ограничувања што ги укина во средината на јуни и со враќањето на „Зелената пропусница“, кој покажува дали некој е целосно вакциниран, неодамна заболен од Ковид-19, или бил негативен во претходните 24 часа.
До вчера, само децата на возраст од 12 години на кои им беше дозволено да добијат вакцина во јуни и возрасните требаше да прикажат „Зелена пропусница“. Сега, новото правило, ќе се применува и за деца на возраст од 3 до 11 години.
Нивните тестови ќе бидат финансирани од владата бидејќи немаат право за вакцинација, освен ако не се на возраст од пет години или се смета дека се изложени на значителен ризик од Ковид-19.
Речиси еден милион жители, околу 11% од населението, кои не се вакцинирани и покрај тоа што ги исполнуваат условите, мора да платат за сопствените тестови.
Израел, исто така, започна да дава трети дози на вакцината „Фајзер“ на луѓе над 50 години, медицински работници и оние со основни здравствени состојби. Досега, околу 1,1 милион луѓе ја примиле третата доза.