Изложба „Во прво лице“ на современи македонски уметници во Мала станица

Вечерва, со почеток во 20 часот, во НУ Национална галерија на Македонија, објект Мала станица, ќе биде презентиран проектот под наслов „Во прво лице“ на која ќе бидат претставени 22 современи македонски уметници.

„Иако како појдовен момент се чувствуваат референци на автопортретот во неговата класична смисла, наспроти појдовниот романтичен мит за Нарцис и психоаналитичкото толкување за појавноста и опсесивноста кон сопствениот лик, делата претставени на изложбата „Во прво лице“ се однесуваат на поинаква ангажирана појавност на авторот во сопствените дела и се илустрација на случувањата во контекст на, пред се, македонската општествената реалност во изминативе две децении“, велат организаторите.

Генерациската припадност и изборот на делата создавани од втората половина на 90-тите години на 20-от век и особено 21-от век, говорат за различните творечки стимулации и медиуми како илустрација на случувањата во контекст на, пред се, македонската општествената реалност во изминативе речиси 20 години.

На изложбата ќе се претстават македонските уметници: Методи Ангелов, Јован Балов, Атанас Ботев, Гордана Вренцоска, Горанчо Ѓорѓиевски, Велимир Жерновски, Јана Јакимовска, Славица Јанешлиева, Роберт Јанкулоски, Ѓорѓе Јовановиќ, Верица Ковачевска, Љубомир Милошески, Ангел Миов, Моника Мотеска, ОПА, Ирена Паскали, Зоран Попоски, Нада Прља, Игор Сековски, Александар Спасоски, Дијана Томиќ Радевска и Микица Трујкановиќ.