Изложба во Белград која можат да ја доживеат и слепите лица

Борис Дончиќ, во текот на детството имал тешко оштетување на видот, но тоа не го спречило да црта и создава со глина и пластелин.

„За мене, уметноста е оној добриот дел на животот. Тоа е она што на човекот му дава внатрешен ‘оган’, да функционира, да го прави светот подобар“, вели Борис за српското „Би би си“.

Борис со студентите од Факултетот за ликовни уметности и кустосите од Музејот за современа уметност, Катарина Крстиќ и Сенка Ристивојевиќ ја спремија првата белградска изложба која можат да ја доживеат и слепите лица.

Изложбата „Во допир со“ опфаќа дванаесет дела од збирката на Музејот за современи уметности во Белград кои можат да се истражат и доживеат со сите сетила.

„Лицата со инвалидитет, па и ние слепите и слабовидните, често се бориме со прашањето како нешто не можеме. Често општеството ни го поставува прашањето во различни ситуации: како нешто не е за нас. Тука имавме среќна околност каде се собраа луѓето, тие што ја покренаа оваа изложба, па работевме на тоа – како нешто да направиме. И тоа е прашање кое секогаш треба да се поставува“, вели Борис.

Секоја интерпретација на изложбата е проследена со опис на Брајовото писмо, аудио опис, а со помош на QR кодови, корисници на апликацијата „Guide Me“, можат да активираат аудио запис на мобилните телефони.