Изложба „Три – круга за да бидам таму“ на Марија Чепишева во МКЦ

Во петок (28 април) со почеток во 20 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се отвори изложбата „Три – круга за да бидам таму“ на Марија Чепишева.

„Дигитална графиката што е создадена со компјутер и се реализира со помош на компјутер (компјутерски алатки), претставува компјутерска графика, односно компјутерски печат, и дава можност за добра поврзаност со традиционалните техники на печатење, кои користат плоча и преса. Тој спој на традиционално и модерно е всушност хибридна графика, која е поле на истражување кај Марија Чепишева. Мултидисциплинарниот пристап е најсодветен начин преку кој графичарката Марија Чепишева успева да се изрази и докрај да ја заврши замислената идеја. Современиот метод на реализација ѝ отвора големи можности да го реализира својот креативен потенцијал на најновиот циклус графики до совршенство. Целта на реализираните графики е да ја доближат, да ја обработат идејата преку симбиоза меѓу мануелни и дигитални графички решенија. Марија обработува фотографии, како и завршени матрици, правејќи спој на различни варијации, навлегувајќи во море на различни можности и предизвици. Врската меѓу идејата и мотивот оди кон концепт што во целост како завршено дело нè упатува кон процесот на дигитална обработка, преку која посматрачот тактилно се приближува кон делото. Познавајќи го јазикот, дружејќи се со него, изразувајќи го во комуникација и практично поврзувајќи го, авторката прави спој со мотивот од точка кон круг, кругот како знак симбол, а мотивите од секојдневниот живот како еден неисцрпен постојан предизвик за создавање живот, кој нè опкружува дефинирајќи го нашето постоење“, вели академикот Фехим Хусковиќ.

„При дигиталниот процес, Марија Чепишева допечатува веќе избрани графички отпечатоци, ги обработува, ги исцртува во моментот според барањата на проблемот што го решава, се навраќа сè до оној момент кога доаѓа до финалната обработка. Различни подлоги хартија, форекс, плексиглас, платно се концептот на пренесување на нејзината реализација, за нас непознат графички пристап на круг, коцка, правоаголник, кои ги печати во големи димензии, што ја прави специфична како графичарка препознатлива на македонска ликовна сцена. Врз дигиталните отпечатоци Марија рачно интервенира со матрици од одредени сегменти, кои ги приспособува на подлогата и интервенира со четка, креда, јаглен, при што на замислениот концепт му дава душа, свој личен печат. Долгогодишното собрано знаење, прелеано во новите дигитални можности што ги нуди компјутерската графика, дава свежина и нуди живот во новиот циклус, ‘Три круга за да бидам таму’“, додава Хусковиќ.

Изложбата ќе биде поставена до 8 мај.

Чепишева е родена во 1975 година во Скопје. Завршила средно уметничко во ДСУЛУД Лазар Личеновски, Скопје во 1993 година, на отсекот Графика и графички техники. Завршила Ликовна академија во Скопје во 1999, а во 2022 запишува постдипломски студии на Факултетот за ликовни уметности. Има учествувано на голем број изложби во земјава и странство.