Изложба „Спектрум” на Маја Кировска

Самостојната изложба „Спектрум“, на Маја Кировска ќе се отвори во вторник (29 декември) во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (кај Педагошкиот факултет). Изложбата се отвора во 20 часот.

Делата на оваа изложба, како што појаснува авторката,  ја третираат реалноста тука и сега, материјална, онаква каква што сме навикнати да ја гледаме и живееме секојдневно.

Изложбата става во фокус некои од најакутните проблеми на денешницата, како што се бегалската криза, војните, состојбата на човековиот ум, дисбалансот помеѓу човекот и животната средина и т.н.. Сите нив ги разгледува од различни аспекти и поттикнува на размислување за причините, но и за можните решенија во иднина, за се она што луѓето како единки и колектив можеме да го направат.

„Секојдневно сме бомбардирани со огромен број информации. Човечкиот мозок не е во состојба да впие сé. Природно правиме селекција на информациите. Поради карактерот на медиумот стануваме подеднакво рамнодушни и кон содржините за забава кои се обидуваат да не анимираат но и кон реалноста која навистина се случува на некој друг дел од планетава. Ги поистоветуваме и повеќе не сме сигурни што е реално, а што не, и најчесто одлучуваме да не обрнеме внимание.

Отрпнуваме, а на трагедијата на другите реагираме не повеќе отколку што би реагирале на некој игран филм. Tоа е така се додека не видиме со свои очи, не почувствуваме на своја кожа, не се увериме дека она што го кажуваат медиумите понекогаш е реалност.

Низ нашата земја дневно поминуваат од 2000-10000 бегалци. Многумина не беа свесни за кризата што се случува во светот, се додека последиците не дојдоа и пред наша врата. Многумина одбиваа да видат, најверојатно затоа што нема видливо решение. Многу теоретичари веруваат дека ова е природна состојба на човекот и не е возможна промена“, додава Кировска.

Во голема мера изложбата е поттикната од документарниот филм за фотографот Себастиао Салгадо на Вим Вендерс „Солта на земјата”, каде Салгадо преку слика и кажувања зборува за егзодусот и страдањата на луѓето во Европа и Африка во деведесеттите, како и за излезот кој го наоѓа од ваквата состојба на душата. Делата на изложбата се направени со употребени специфични медиуми, како на пример аугментираната реалност во која виртуелни слики и друг вид на содржини се поврзуваат со реалното со помош на современата технологија. Во други дела пак се употребени филтри во боја, преку кои гледачот гледа селективен дел од една слика. Поголемиот дел од галерискиот простор го зазема една комплексна инсталација од фотографии направени со мобилен телефон, комбинирани со аугментирана реалност, каде отпечатените содржини се надополнети со дигитални содржини кои се гледаат преку таблет или мобилен телефон.

Маја Кировска живее и работи во Скопје. Дипломира 2007 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек графика, со насоки графички дизајн и модно креирање со текстил, каде е наградена за најдобар студент во класата. Изложбата „Спектрум” е нејзина дестта по ред самостојна изложба, а учествува и на голем број групни изложби во Македонија и странство. Нејзината уметничка практика се базира на работа во различни медиуми како инсталација, скулптура, видео, перформанс, слика, графика, цртеж и филм, најчесто комбинирајќи ги.