Изложба посветена на Шарената револуција во Вашингтон

Со оглед на критичната состојба во Македонија, би сакала да помогнам и преку изложба да ги запознаам луѓето, овде во Вашингтон, барем малку повеќе со она што се случувало, вели во разговор за ЦИВИЛ Медиа, Анета Георгиевска- Шајн, организаторка на изложбата на фотографии од Шарената револуција.

Изложбата ќе се одржи од 12-ти ноември до 18-ти декември во Колеџот за уметност и наука при Американскиот универзитет во Вашингтон.

Автори на фотографиите се Роберт Атанасовски, Кире Галевски и Ванчо Џамбаски, а секој од нив ќе се претстави со по седум фотографии, одбрани од Георгиевска- Шајн.

Таа вели дека идејата е да се претстават основните елементи на Шарената револуција и да се долови духот на граѓанското движење. Покрај изложбата, ќе се одржи и панел-дискусија.