Изложба „Палетите на македонските уметници“ во МКЦ

Во Младински културен центар (МКЦ) во четврток од 19:30 часот ќе биде отворена изложбата „Палетите на македонските уметницим“. За прв пат на едно место ќе се најдат палетите на осум модерни и современи македонски уметници.

„Палетата е една од алатките на уметникот. Но, палетата, за разлика од другите орудија на неговиот занает, како на пример четкицата и штафелајот, е точна рефлексија на неговите слики. На палетата се гледаат таговите од ‘борбата’ на сликарот со платното“, стои во најавата на изложбата.

Претставени ќе бидат палетите на двајца основоположници на модерната македонска уметност, како и палети на уметниците од генерациите што дојдоа по нив. Изложбата е збогатена и со повеќе работни масички, четкички, фотографии од ателјеа, штафелаи и канти и туби со боја, а секој уметник е застапен и барем со едно дело кое директно може да се поврзе со изложената палета.

Палетите и работната масичка на Лазар Личеноски (1901-1963) денеска се дел од колекцијата на Националната галерија на Република Македонија, додека пак тие на Васко Ташковски (1937), Илија Пенушлиски (1947) и Рубенс Корубин (1949) се донесени директно од нивните ателјеа и тоа се палети што се користат секој ден. Палетите на останатите великани на македонската уметност застапени на оваа изложба, Никола Мартиноски (1903-1973), Миле Корубин (1922-2000), Иван Велков (1933-2008) и Глигор Чемерски (1940-2016), се во приватна сопственост.

Изложбата е проект на проф. д-р Кирил Пенушлиски во соработка со МКЦ и поддржан од Министерството за култура.