Изложба „Основоложниците на Модерната во Македонија“ во МСУ

Во Музејот на современата уметност во Скопје, во вторник (27.09) од 20 часот ќе се одржи изложбата „Основоположници на Модерната во Македонија“.

На изложбата ќе бидат претставени дела од најстарите и најпознатите автори на модерна уметност на македонската уметничка сцена.

„Намерата на оваа изложба е преку делата од колекцијата на МСУ повторно да се навратиме кон творештвата на оние ликовни уметници кои вообичаено се определуваат со синтагмата „основоположници на македонската современа уметност“ (Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, ДимоТодоровки, Томо Владимирски, Вангел Коџоман и Љубомир Белогаски)“, пишува кураторката Марија Бочварова Плавевска.

„Сметаме дека нивната присутност, односно присуството на нивните дела во нашето културно опкружување треба да биде константно за да можеме како културна средина, а особено помладите генерации, да имамe појасна претстава за достигнатите вредносни модели што биле создадени и што, како однос кон светот и уметноста, мораат да бидат продолжени. Можеби овие вредности, што во овој момент нам ни се значајни како однос, како сериозност во пристапот кон уметничкиот чин и сè она што овој чин подразбира во поширок контекст, сега ни се најпотребни да ги имаме во хоризонтот на нашите настојувања“.