Изложба на Тони Шулајковски во КИЦ

Во изложбениот салон „Империјал 2“, во Културно-информативниот центар во Скопје, во четврток (19 мај) ќе биде отворена 54-та самостојна изложба на слики од Тони Шулајковски со наслов „Предградие на свеста“.

Сликите се работени во периодот од 2012 до 2016 година. Ќе бидат изложени 30 дела, акрилик на платно.

Во предговорот на каталогот за изложбата, Виолета Калиќ, историчарка на уметноста ќе забележи: „Метафорите на асоцијативното, симболичното, експресијата на бојата и гестот, инсерциите како инкрустирани во концептуалноста на контроверзното нè водат до восхит и кротка радост во доживувањето што ја понудува аурата на фантастичноста и фантазмагоричноста во симултаноста на секвенците и инверзија на фрагментите разоткривајќи постојано една нова слика во слика, побудувајќи ја едновремено и онаа медитативна катарза која луцидно проникнува во лавиринтите на свеста и понира по трагите на потсвеста, соочувајќи нè со релативитетот и кревкоста на постоењето и опстојувањето, со бескрајот на непознатото и извишувајќи нè, за миг над ефемерното….. Творештвото на Тони Шулајковски го доживуваме како една широко оркестрирана авантура опчинета од хедонизмот на љубопитноста, опчинетоста со магијата на истражувањето во неисцрпноста на разоткривањето на архипелазите на мистифицираното и демистифицираното, на осознаеното и неосознаеното, на светот во нас и светот надвор од нас.“

Изложбата ќе биде отворена за љубителите на ликовната уметност до 31 мај.