Изложба на плакати „Црнила“ во „Мала Станица“ на Ладислав Цветковски

На 18 декември (вторник) во 18:30 часот во „Мала станица“ ќе биде отворена „Црнила“ на Ладислав Цветковски – изложба на 70-ина плакати кои за прв пат ќе бидат претставени во печатена форма во Македонија.

„На 20.02.2015 мотивиран од енергијата на студентските протести и инспириран од случувањата во Република Македонија, на мојот блог и фејсбук профил го споделив плакатот ‘[црнила]’. Тоа беше почетокот на мојот проект наречен ‘My Comments’ (Мои коментари), за кој во тоа време не знаев каде ќе ме одведе, но ја следев мојата лична интуиција и порив да создавам на таков начин. 2015 година, во исклучително загадениот и контролиран медиумски простор, единственото место каде можев да ја реализирам силната потреба да дадам личен коментар за бруталната вистина, беа социјалните мрежи. Моите визуелни коментари инспирирани од дневните случувања во Македонија секојденвно ги споделував на мојот блог, Фејсбук профил, а подоцна и на Гугл+, Инстаграм, Твитер“, соопшува Цветковски.

Потенцира дека циклусот „Црнила“ го работел до 31 октомври 2017 година и до тогаш создал 177 авторски дигитални плакати, од кои три се анимирани.

„Иако плакатите коментираат конкретни настани, изјави, однесувања на личности, менталитет, состојби, со нив имам за цел да упатам универзални пораки и да потсетам на одредени изгубени вредности“, вели авторот.